Поетски портрет на академик Радован Павловски
Во рамките на научната и уметничка визита што се одржува во научниот и уметнички центар Куќа на Уранија-МАНУ во Охрид, на ден 19 август во 20.00 часот ќе се одржи настанот “Поетски портрет на акад. Радован Павловски”
Радован Павловски (1937 – ) е поет, есеист и патеписец, еден од најзначајните поети од средната македонска поетска генерација. Студирал право и литература на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Живеел и творел во Загреб (Хрватска), Белград (Србија) и членувал во Сојузот на писателите на Хрватска и на Србија. Од 1985 повторно живее во Скопје. Член на Друштвото на писателите на Македонија, Македонскиот ПЕН центар и на МАНУ. Од самиот почеток па се до денес, во творештво на Павловски, полно со метафори, преставена е македонската земја, народ, култура и историја.
Радован Павловски е роден на 23 ноември 1937 година во Ниш, Србија. Неговите родители, таткото Павле и мајката Достана, кои потекнуваат од македонското село Железна Река, Гостиварско, се враќаат во родното место, каде Радован го поминува своето детство. Таму завршува основно образование, а средното образование во Гостивар. Потоа студирал право и литература на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
Својот живот Павловски го посветува на пишуваната поезија. Неговата ѕвезда изгрева во Железна Река, која е непресушен извор на неговиот творечки опус. Од појавата на првите песни во април 1955 година, па се до денес, истите креативни сили на божествената природа на родната грутка и семејството го поврзуваат неговото творештво со македонскиот идентитет, со битието на древниот, сегашен и иден македонски народ и нација. Неговата поезија е специфична во својата метафорика, со изграден посебен култ кон сликата, кон природата, кон навраќање на стварниот и замислениот свет на поетовиот роден крај, Железна Река. Неговиот интерес кон надреализмот и користењето на метафората се зголемува по реализираниот студиски престој во Франција.
Во 1960 година, заедно со Богомил Ѓузел го објавуваат манифестот „Епското на гласање“. Во духот на европските книжевни движења двајцата поети ја најавија својата поетика преку манифест. Иако не е надреалистички манифест, сепак постојат недвосмислени симпатии за надреалистичките идеи, полни со метафора. Нивните заложби се во духот на поетиката на надреализмот но и со другите модерни европски поетски токови.
Во 1961 година, Павловски во својата дебитантска збирка „Суша, свадба и селидби“, се откажува од формите на традиционалниот стих, а својата песна ја сведе само на метафоричноста. Се смета дека толкаво богатство на фигуративност не познава ниту една друга поезија во македонската книжевност. Оваа почетна збирка произлезена од македонскиот цивилизациски извор, Железна Река, има длабок корен во личните и вековните македонски преселби, но, ги отсликува и вековните преселби на народите и цивилизациите.
Секоја песна на Павловски, длабоко произлегува од неговиот живот, од неговата врска со сите времиња на сопствениот народ и неговото битие. Движејќи се по своите патишта, тој во творештвото не само што се открива себеси, туку и македонскиот народ, кој како вечен мит од најдревните времиња до денес, па и во иднина ќе биде светла точка на светската историја.
Во својата збирка песни „Корабија“ (1964), со голема креативна моќ на македонскиот збор, Павловски плови низ брановите на македонското духовно пространство. Ослободен од идеолошките стеги, создава поезија единствена и неповторлива во времето и просторот. Со дел од песните создадени додека плови по Медитеранските земји, Сирија, Либан, Кипар и Египет, тој чекори подалеку од историјата, влегувајќи во историјата на светската поезија.
Од 1964 до 1982 година Павловски живее и твори во Загреб, а потоа три години во Белград. Но, како што се што ќе никне и се бори да израсне, да живее на својата почва, каде плодовите се свети и кога се горчливи, така и Павловски повторно се враќа во Македонија. Од 1985 година, тој живее и твори во Скопје, хранејќи се со лебот од зрната на житата на македонската земја.
Во периодот додека твори во Загреб и Белград, Павловски ги издава книгите поезија: „Високо пладне” (1966), „Низ проѕирката на мечот” (1971), „Сонце за кое змијата не знае” (1972), „Пир” (1973), „Зрна” (1975), „Молњи” (1978), „Стражи” (1980) и „Чума” (1984). Неговата песна е штит искован од молњи и клуч од Железна Река која ги отвара патиштата додека како духовен воин го освојува светот на поезијата. А светот без Македонија, без Македонците и македонската поезија не би бил цел, туку празен.
Павловски во својата песна е истовремено дете, мудрец и бунтовник кој ја бара својата слобода. Веќе афирмиран како исклучителен поет во Македонија и во поранешна СФРЈ, Павловски како поетскиот гениј од кого зрачи силна енергија на македонскиот збор го привлекува вниманието на тогашната Служба на државна безбедност на Југославија. Во деловите на досието на Павловски, водено во периодот од 1955 до 1966 година, тој бил евидентиран како „внатрешен непријател“ и „извршител на усна непријателска пропаганда“.
Во кратката содржина на специфично военото-полициско досие, исполнето со дезинформации, било напишано дека тој „произлегува од монархистичко… ориентирано семејство.“ Потоа таму се вели дека „Перспективата ја гледал во капитализмот, бидејќи во комунизмот не ќе имало што да се пишува. Се сложувал со истапи на националистичко-шовинистичка основа против други народи на СФРЈ. Се носел со мисла да емигрира..“ и т.н. За жал, како и многупати досега, „меѓу луѓето кои давале изјави за досието, биле колеги и писатели“.
Меѓутоа, додека Радован Павловски бил следен од службите, тој продолжил да и дарува на македонската литература значајни остварувања, кои секогаш внесувале свежина во македонското поетско творештво. Неговите стихови исполнети со неочекувани, спонтани и оргинални метафори ја пееја дамно зачнатата песна која никогаш не завршила. Загледан во историјата, во минатото, Павловски открива блиски патишта на поврзување со сегашноста.
Павловски внимателно следи, осознава и го чуствува јазичниот амбиент создаден во контекс на пеењето. Изразито долгите песни кои се сретнуваат во збирките „Корабија“ (1964) и „Низ проѕирката на мечот“ (1971), а кои критиката ги нарекува поеми, Павловски ги скратува во збирката „Клучеви“ (1986).
Од 1985 година, па се до распадот на СФР Југославија, Павловски ги издава книгите со поезија: „Клучеви” (1986), „Марена” (1986), „Темелник” (1988), трилогијата „Зрна, Молњи и Клучеви” (1989) и „Бог на утрото” (1991). Во овој период тој е автор на патеписот “Отклучување на патиштата” (1986) и „Манифестот на Петската република Железна Река” (1990).
По осамостојувањето на Македонија во 1991 година, Павловски се појавува во јавноста со: поезија за млади „Вселенски деца” (1993), “Јавач на звукот” (1995) и „Синот на Сонцето” (1999), како и на есеите „Што може поезијата” (1993) и „Демократска џунгла” (1994). Во 1995 година од Струшките вечери на поезијата Павловски ќе ја испрати својата „Порака на поетот до сите поети во светот”.
Павловски интензивно го живее митот за Македонија и преку својата силна уметничка творечка индивидуалност, рамна на боговите, во која ја велича својата земја, покажува како се сака Македонија. Според Интернационалниот биографски центар (ИБЦ) во Кембриџ, Павловски е единствениот македонски поет, есеист и патеписец, застапен меѓу петстотини личности кои го одбележаа преминот во новиот милениум.
Тој е добитник на републичките награди: „Браќа Миладиновци” (1965), „11- ти Октомври” (1971), „Кочо Рацин” (1991) и „Ацо Шопов” (1995), како и на повеќе меѓународни признанија.
Во 1977 година, како “еминентна личност наведена во меѓународно и национално признати дела”, Американскиот биографски институт година го прогласи Радован Павловски за Човек на годината. Во 1998 година истиот институт му доделува Светско признание за животно дело.
За врвни достигнувања во XX век, од Интернационалниот биографски центар во Кембриџ, Англија, ги има добиено престижните признанија Меѓународна личност на годината за 1997 и 1998 година. Во едицијата „Кој е кој меѓу интелектуалците” во 1999 година, што го подготви Интернационалниот биографски центар во Кембриџ, Англија, е објавена биографијата и библиографијата на животниот и творечкиот опус на Радован Павловски.
Поезијата на Радован Павловски е преведувана на околу 50 јазици, меѓу кои на англиски, арапски, грчки, германски, италијански, кинески, руски, француски и шпански јазик, а е застапен во многу антологии на современата македонска, европска и светска поезија.
Во 2006 година Радован Павловски е избран за редовен член на МАНУ.