Поетско кафе и портрет на Адам Загајевски на СВП
Денешниот ден на 57-те Струшки вечери на поезијата започна со поетското кафе со Адам Загајевски, добитник на „Златниот венец“ на СВП.
Средбата започна со читање на неговата песна „Автобографија“ на македонски, полски и англиски јазик. Модераторот Никола Маџиров говорејќи за творештвото на Загајевски рече дека тој е поет што пишува низ окото на градовите што ги напуштил: Лавов, Краков и Вашингтон, преку најчестите мотиви како ноќта, соништата, историјата. Цитираќи дел од есеите на Загајевски, Маџиров ги подвлече двете негови клучни мисли за недостатокот на литературата. Првата кога поетот е загледан само во себеси и заборава на објективната вистина, и втората кога трагајќи по вистината во светот се заборава себеси.
За Загајесвки пак пишувањето е чин на братство, чин што бара длабока и радикална осаменост, но тоа е и тунел што води кон другите луѓе, а ниедно братство не е лесно.
На прашањето зошто не пишува на англиски или француски јазик, или пак зошто полските поети не пишуваат на руски, лауреатаот рече дека пишувањето на руски за полските поети е самоубиствена мисла. Од друга страна тој самиот не гледа причина зошто би пишувал на англиски или француски, кога пред себе има големи претходници како Шимборска или Милош и цела една плејада којашто пишувала на полски јазик.
Програмата на СВП продолжи со симпозиумот „Изгубено/најдено во преводот“ што го модерираше Марија Гиревска, по што следуваше поетско читање на современа македонска поезија од дваесетина македонски поети.
Вечер во 20.30 часот е традиционалниот поетски портрет на лауреатот во црквата Света Софија во Охрид. За творештвото на Загајевски беседа ќе одржи проф. д-р Лидија Танушевска од катедрата за славистика при УКИМ. Музички перформанс ќе одржи Дуња Иванова.
Во 22.30 часот следуваат поетските „Созвучја“ пред споменикот на Св. Климент во Охрид, а Ноќите без интерпункција се на полноќ на летната сцена Галеб во Струга.