26/11/2024
Македонија

Поевтинуваат дизелот, мазутот и екстра лесното масло за домаќинство

Според најновата Одлука на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, од вечерва по полноќ  малопродажните цени на нафтените деривати согласно Методологијата за формирање на цените, се намалуваат во просек за 2,32%.

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, остануваат на исто ниво во однос на цените утврдени со Одлуката од 13.01.2020 година и со тоа, малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 68,00 ден/лит, додека малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 70,00 ден/лит.

Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалуваат за 1,50 во однос на малопродажните цени утврдени со Одлуката од 13.01.2020 година и со тоа, малопродажната цена на дизелот ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 61,00 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) изнесува 50,00 ден/лит.

Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува за 2,539 ден/кг во однос на цената утврдена со Одлуката од 13.01.2020 година и со тоа малопродажната цена на мазутот М-1 НС изнесува 37,885 ден/кг.