25/11/2024
Писма/Колумни

Пофалба кон жената-мајка

Денес, во овој осмомартовски ден, како и секој ден досега, како и секоја измината година, како и секој миг изминат од мојот живот, повторно и денес, како и  за секоја мајка – нејзиниот син, така и  јас мојата прекрасна и најдоблесна мајка, мојата, и со големи букви од моево срце преку моиве усни изговорена МАЈКА, мојата топла прва лулка, моето прво млекце и прво мое залаче, моето топло прво гнездо, моето  прво седело, мојот најтопол шал среде сите лути зими, мојата ѕвезда деница среде сите минати, сегашни и можни идни мрачнини, мојот светилник и патоказ, моето трајно Кандило, мојот патоказ, мојот исток и мојот југ, мојата синевина и моја виделина, мојот непресушен извор  на добрина и на добро воспитание, моето прво училиште и мојата прва учителка од раѓање- низ детството до животот и за животот, мојата зора и мојата разденина, мојот силен шепот за добро утро, моето секојдневно со здравје и моето господ со тебе, моето прво и секојдневно добре ми дојде, моето сонце – будилник и и целодневен и секојдневен следбеник, мојата сенка и придружба, мојот ангел-чувар на детските сни, мојата лавица на патиштата непознати, мојот светлоказ и мое огниште, мојот вечно запален пламен од срцето нејзино до моето, мојата неразделна другарка и пријателка, мојата отворена книга и мој буквар, мојата деноноќно осветлена Библија, мојата А и Азбука, моето перо и мастило, мојот мотив и моја инспирација, мојата доблест и добра намера и навика, мојата носителка и животозачетна утроба, таа моја жива и најпитома душа, тоа кротко божјо суштество со лик на ангел, со очи на Богородица и со судбина Исусова, со радост најрадосна и со тага најтаговна, со солзи најсреќни и со солзи непресушни, таа небесно висока синевина и морски широка срцевина, таа моја пролетна сејачка на добрина, таа градинарка на мојата детска пролет, таа моја ткајачка и постилачка на мојот црвен ќилим, мојата везилка на мојот успех, мојот бајрак за моето знаме и моја мајка за мојата Татковина, е, таа моја мајка, таа моја друшка и пазителка од детски болести и од младешки пороци, таа моја лута противничка на моите лоши навики, таа моја кутра душичка навредена од моите детски и младешки гревови, таа моја и во секој миг со години непрестајно ѕвезда водителка и хранителка со млеко и живот, со леб и вода, со мудрост и со знаење, таа моја најсвета слика и икона, таа моја Црква и Молитва, тоа мое добро утро и мое добро вечер, тој мој најтопол изгрев, тој мој душевен огрев, тоа мое чекмеџе од Татковото ми Послание, таа моја Мајка, о, колку со силна Љубов, со сета душа до бескрај неа, до Вечност неа, О, КОЛКУ БЕЗМЕРНО ЈА САКАМ!!!

(Автор: Проф. Димче Донески, со своите коселски ученици*)

Пофалбата* е составена во еден здив и во една подолга Проста реченица во која има само еден прирок – само еден глагол, а стотици епитети и метафори  посветени за мајката.

Простата реченица има 444 зборови  со само еден употребен прирок (глагол САКАМ*)!

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.