26/11/2024
Македонија

Покана до наставниците за доставување предлози и коментари за новите наставни програми

За да обезбедиме квалитетен ран детски развој и да изградиме ефикасен и ефективен воспитно образовен систем со добра и силна основа,  кој пред се ќе биде цврст, безбеден и отпорен на разни промени и потреси, потребно ни е здраво и цврсто основно образование. Во таа насока, создаваме нов образовен модел и нови и квалитетни наставни планови и програми за учениците од 1-3 одделение, велат од Министерството за образование и наука.

Работната група која работи на новиот образовен модел, се состои од експерти во областа, професори од Филозофскиот и Педагошкиот факултет, но и практичари во областа, односно наставници кои работат со деца од 1-3 одделение.

„Новиот образовен модел, го засега и се однесува на работата на наставниот кадар. За да создадеме што е можно подобар и поквалитетен образовен модел, сакаме да го слушнеме гласот и мислењето на лицата кои се вклучени во образовниот процес, наставниците, од кои очекуваме да добиеме предлози и коментари за наставните програми кои се подготвени, нивната применливост, како и насоки за усовршување на предлогот.“- велат од МОН.

За таа цел, Министерството за образование и наука бара и очекува од наставниците од одделенската настава, како и сите компетентни и заинтересирани лица, активно да се вклучат во процесот на градењето на новиот модел за основно образование и да достават свои критики, коментари и предлози за подобрување на новите наставни програми за прво одделение.

„Вашите коментари и предлози се добредојдени и ги очекуваме на npp@mon.gov.mk , а можете истите да ги доставите и до архивата на Министерството за образование и наука (ул. Св. Кирил и Методиј бр. 54).

Наскоро очекуваме да ги добиеме и новите наставни програми за второ и трето одделение. Повеќе околу клучните промени за новите наставни програми можете да прочитате тука.“– додаваат од МОН.

Наставните програми за прво одделение можете да ги преземете тука.