Покрената е постапка за измени на Законот за вработените за правата од работен однос во културата
Владата на Република Македонија на седницата одржана на 12.06.2018 година донесе заклучок со кој го задолжи Министерството за култура во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација до крајот на 2018 година да достават предлози за регулирање на правата од работен однос во областа на културата …
Имено, во 2014 година беа донесени измени во Законот за културата со кои се изврши негово усогласување со Законот за вработените во јавниот сектор, во делот на одредбите со кои се регулираат правата на работниот однос.
Овие измени предизвикаа низа негативни реакции кај вработените во културата, особено во делот на именувањето на вработените кои вршат уметничка и стручна работа од областа на културата како даватели на јавни услуги од областа на културата. Забелешките се однесуваа и на каталогот на работни места кој не ги одразува спецификите на работите и работните места во областа на културата, постапките за засновање на работен однос, за унапредување, како и за дисциплинска одговорност.
Во насока на надминување на овие состојби, во претстојниот период двете министерства ќе работат на изнаоѓање на соодветни законски решенија кои ќе бидат во функција на унапредување на правата од работен однос на вработените од областа на културата.
Статусот на вработените во институциите од областа на културата и соодветната валоризација на нивниот труд во иднина ќе бидат врвен приоритет на Владата на РМ и Министерството за култура и сериозен придонес во реформите во културата.