Полесен пристап за подобри општински услуги и граѓанска вклученост
Општина Охрид започна со имплементација на проектот „Полесен пристап за подобри општински услуги и граѓанска вклученост“ како дел од активностите во рамки на втората компонента на проектот „Зајакнување на општинските совети” кој е финансиран од УНДП и Швајцарска амбасада во Република Северна Македонија, во износ од 50.000 швајцарски франци.
Проектот предвидува реконструкција на влезните скали кои водат до големата општинска сала, поставување на хидраулична лифт платформа за лица со телесен инвалидитет, опремување на салата со посебни пултови за лица од ранливите категории и простор за инвалидски колички, со цел да се овозможи полесен пристап за подобри општински услуги. Салата исто така внатрешно ќе се уреди со ново осветлување, озвучување со цел да се овозможат соодветни услови за работа.
Проектот „Полесен пристап за подобри општински услуги и граѓанска вклученост“ беше избран за имплементација од страна на граѓаните на општина Охрид во рамки на четирите сесии на Форумот на заедници, кои беа организирани во декември минатата година. Форумот на заедници го сочинуваа седум работни групи, во кои имаше претставници на Советот на општина Охрид, општинската администрација, претставници на невладиниот и бизнис сектор, а главната тема на Форумот беше социјалната инклузија.