23/11/2024
Охрид

Полицијата започна акциски контроли за возилата со затемнети стакла

Работејќи на постојано унапредување и подигнување на безбедноста во сообраќајот, СВР Охрид, констатира зачестена појава на управување на моторни возила кои не ги исполнуваат пропишаните услови во однос на затемнување на стаклата. Со цел почитување на законските одредби од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата посебно на членот 360 од овој закон, СВР Охрид започна со реализација на акциски контроли со цел елиминирање на ваквите состојби кои можат сериозно да ја загрозат безбедноста во сообраќајот.

Со оглед дека на стаклата на возилата не смеат да се поставуваат огледални фолии, СВР Охрид преку полициската станица за безбедност во сообраќајот, ќе постави подвижни мото-патролни служби составени од полициски службеници и стручно лице од станиците за технички преглед опремен со техничкото средство тинт-метар за мерење на пропустливоста на светлина.

При констатирани прекршувања на одредбите од членот 360 од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, ќе биде изречен прекршочен платен налог со глоба во износ од 300 евра во денарска противвредност.

Член 360

(од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата)

(1) Возилата во сообраќајот на пат задолжително треба да ги исполнуваат пропишаните услови во однос на затемнување на стаклата.

(2) На правното лицe кое постапува спротивно на одредбата од ставот (1) на овој член ќе му се изрече глоба во износ од 2.000 евра во денарска противвредност.

(3) За прекршокот од ставот (2) на овој член ќе му се изрече глоба и на одговорното лице во правното лице во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице.

(4) Прекршочен платен налог со глоба во износ од 300 евра во денарска противвредност, ќе му се издаде на возачот кој постапува спротивно на одредбата од ставот (1) на овој член.