Полициски службеници и родители извршија „Соседска патрола“ во Охрид и Струга
Во периодот 16/18.07.2021 од 22:00 до 02:00 часот, СВР Охрид, на подрачјето на Охрид и Струга, спроведе превентивна кампања „Соседска патрола“. Притоа, мешани патроли составени од полициски службеници од Отсекот за превенција, претставници од Советот на родители во основните училишта, од Секторот за образование при локалната самоуправа во Охрид, извршија превентивна обиколка на повеќе угостителски објекти во централното градско подрачје, но и на периферијата од градот, како и на други јавни места на отворен простор каде, во ноќните часови младите најчесто се собираат и задржуваат.
Целта на кампањата е родителите да видат каде нивните деца излегуваат, како и во каков амбиент младите се забавуваат во ноќните часови, какви се условите каде што излегуваат, кои угостителски и други јавни места најчесто ги посетуваат, кои се проблемите кои можат да се случат во текот на ноќните забави и како полициските службеници практично ги применуваат своите полициски овластувања. Во рамките на кампањата, полициските службеници разговораа со младите и легитимираа повеќе гости во угостителските објекти, а малолетните лица посебно беа информирани околу законските обврски кои мора да се почитуваат.
Проектот „Мешани патроли“ има за задача преку широка општествена акција да се зацврсти партнерскиот однос меѓу полицијата и граѓаните, да придонесе кон зголемување на степенот на безбедноста, да се намалат можните инциденти на местата каде што се забавуваат младите, да се подигне нивната општествена свест и совест за одговорно однесување во угостителските објекти и на јавните места, како и доследно да се почитуваат законските одредби, пред се, од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.