23/11/2024
Охрид

Полни гледалишта и публика од сите генерации на „Охридско лето“

Полни гледалишта, квалитетна програма наменета за публика од сите возрасти, настани што долго ќе се паметат донесе годинешното 58-мо издание на фестивалот „Охридско лето“ чија завеса ќе биде спуштена на 20.август со театарската претстава „Илијада“ од Хомер, во режија на Јернеј Лоренци, а во копродукција на Словенечки Народен театар-СНГ Драма Љубљана, Цанкариев дом и Градски театар од Словенија.

Исклучително добрата музичка програма беше навестена уште на самото отворање на фестивалот, на 12.јули со оперската дива Елена Мошук, тенорот Калин Братеску и маестралниот диригент Николае Молдовеану. На Античкиот театар помеѓу бројната публика можеа да се видат охриѓани, гости од странство, дипломати, политичари, бизнисмени, но и други познати имиња од јавниот живот.

Традиционалните Вечери на полска и француска музика исто така донесоа бројна публика во која беа почесниот конзул на Полска во Македонија, Коста Костовски, како и амбасадорот на Франција во нашата Држава Кристијан Тимоние заедно со претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов кој е и прокровител на фестивалот „Охридско лето“.

Кралскиот секстет „Д Квин Сикс“ потврдија дека се музичари со голема топлина во душите. По завршувањето на нивниот концерт во црквата „Света Софија“ се покажаа како љубезни домаќини испраќајќи ги гостите со кои разговараа и се фотографираа.

Познатото трио руски уметници, Лугански-Књазев –Крилов ја наполнија црквата „Света Софија“ со публика која уживаше во нивната префинета програма со класични дела.
Слика од концерт со публика

Ораториумот „Радомировиот псалтир“ што еден од најплодните македонски композитори, Димитрие Бужаровски го напиша специјално за фестивалот „Охридско лето“, во предворјето на „Света Софија“ донесе бројни уметници од Македонија, но и многубројна публика која уживаше во овој семакедонски производ.

Кога сме кај црквата „Света Софија“, овој храм беше претесен да ги прими и посетителите на концертот на АМИРА триото која приреди вистинско уживање. Публиката плачеше, се смееше и пееше заедно со членовите на ова трио предводени од извонредната босанска вокалистка Амира Медуњанин.

Сцените во Центарот за култура „Григор Прличев“ годинава беше искористени за дел од настаните на „Охридско лето“. Таму се одржаа Кубанската вечер која го донесе сензуалното танго-фламенго, концертот на групата „Синтезис“, како и театарската претстава „Тоби“наменета за најмладата фестивалска публика.

Карта повеќе се бараше и за театарската претстава „Странци“ , извонредно доживување за љубителите на театарот, што ја донесоа актерите од Драмски театар – Скопје.

Посетени беа и трите изложби што се одржаа во рамките на фестивалот. Првата изложба на фотографии беше посветена на уметничкиот пат на уметникот Георги Божиков.

Изложбата под наслов „Скриеното чудесно“ од авторките Марта Пејоска и Биби Клекачкоска на публиката и понуди современ накит инспириран од ендемскиот вид микроскопски алги-дијатомеи.

Не помалку посетена беше и изложбата на слики изработени во масло на платно под наслов „Зад виножитото“ од Калина Брајковска која долови неокласична убавина на „Охридско лето“.

Фестивалот „Охридско лето“на 4.август го одбележа и својот 58-ми роденден. Од менаџментот на оваа најголема музичко-сценска манифестација во Македонија најавија дека веднаш по завршувањето на годинешното, ќе започнат подготовките на следното фестивалско издание.