Полог ќе се справува со ризикот од поплави и ќе ги подобрува услугите за управување со отпад
Со цел обезбедување на поддршка во надминувањето на предизвиците поврзани со поплавите во Полошкиот регион, денеска и официјално се најави отпочнување на новиот проект: „Намалување на ризикот од поплави во Полошкиот регион“. Проектот е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка и Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија, а ќе се реализира во наредните четири години од страна на Програмата за развој на Обединети Нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање, општините од регионот и голем број на институции на национално и локално ниво.
Целта на овој амбициозен проект е да поттикне суштинска промена во управувањето со ризикот од поплавите во регионот, забрзувајќи го преминот од сегашниот пристап на реактивен ад-хок одговор на поплавите, кон систем на интегрирано управување со опасноста, ранливоста и изложеноста на населението и добрата, со цел да се спречат и намалат влијанијата од идните поплави.
– Неодамнешните катастрофални поплави што го зафатија овој регион, како и трагичните последици со кои моравме да се соочиме, укажаа на потребата од суштинска промена во начинот на кој управуваме со водите и последиците од нив, истакна министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки во воведното обраќање. При тоа тој нагласи дека на проектот гледа не само како на уникатна можност да се обезбедат долгорочни решенија за намалување на ризикот од поплавите во деветте општини на Полошкиот регион, туку и како можност за општо зајакнување на националните управувачки капацитети.
Постојниот претставник на УНДП, Луиза Винтон изјави:
– Нашата цел е кога ќе дојдат следните дождови, без разлика дали тоа ќе се случи во наредните 10, 100 или 1000 години, да бидеме подготвени.
Заменик швајцарскиот амбасадор Стефан Томаџијан изјави:
-Заедно со нашите долгогодишни партнери од УНДП ќе ги поддржиме институциите на локално, регионално и централно ниво да бидат поподготвени за ризици од поплави и поефикасно да ги заштитат граѓаните, критичната инфраструктура и живеалиштата.
До 2021 година, проектот ќе обезбеди:
– продлабочено познавање на ризикот од поплави на регионот, причините за поплавите, како и потребниот одговор на институциите и населението;
– инклузивен пристап во планирањето на управувањето со ризикот од поплави кој предвид ги зема специфичните потреби на различните ранливи општествени групи;
– подобра подготвеност и зајакнат капацитет за обновување по поплавите како резултат на подобреното управување;
– напредок кон одржлив урбанистички и економски развој заснован на разбирање на ризикот од поплавите;
– намалување на негативните последиците од идните поплави во зоните под висок ризик преку реконструкција и/или изградба на избрана стратегиски важна инфраструктура во согласност со современите пристапи и техники;
– воспоставување на системи за навремено предупредување и алармирање во услови на поплави и
– напредок по однос на прифаќањето на целите и принципите на Директивата за поплави на ЕУ и Рамката за намалување на ризикот од поплави од Сендаи.
Во комбинација, сите овие ефекти ќе придонесат кон подобрување на севкупната отпорност на населението на Полошкиот регион кон поплавите.
На истиот настан е потпишан и Договор помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Швајцарската Конфедерација за доделување на техничка и финансиска помош за реализација на проектот „Подобрување на услугите за управување со отпад во Полошкиот регион“. Проектот е во вредност од 1 900 000 швајцарски франци и треба да заврши до јуни 2020 г.