Полска славеше со 2:0 против македонската репрезентација
Македонската А репрезентација е поразена од Полска со 2:0 на квалификацискиот натпревар за ЕУРО 2020 во Варшава.
Домашната селекција со головите на резервистите Франковски и Милик во второто полувреме обезбеди триумф и се радуваше на пласман на Европското првенство.
Нашиот најдобар репрезентативен состав добро се држеше во првиот дел, имавме и шанса за водство, но во вториот дел Полска создаде повеќе шанси, а резервистите Франковски и Милик погодија за победа.
Загубивме во Варшава, но резултатот и во Љубљана, исто така не е посакувам за нас, бидејќи шансите за ЕП преку квалификацискиот циклус се сведени на теорија.
Очекувано домашната селекција мечот го започна со агресивна игра, имаше мала теренска иницијатива. Но, првиот шут кон голот го имавме ние и тоа преку Николов во 6.минута. Неколку мигови подоцна се повреди Димитриевски, стравувавме дали ќе може да го продолжи мечот, но сепак нашиот голман остана меѓу стативите. Заврши само со фластер на челото, а се повреди при интервенција по ударот на Круховјак. Во 17. минута имавме среќа, Полска е во голема шанса, но Зијелински ја погоди нашата пречка. Во 36.минута Алиоски од околу 30 метри испраќа бомба од слободен удар, Шчесни добро се намачи за да го спаси својот гол. На крајот по првите 45 минути резултатот е 0:0.
Судијата Лахос не наполни со жолти картони. Несторовски и Николов немаат право да играат против Австрија.
Полска во вториот дел тргна уште понапаѓачки, а во петата минута од продолжението ја погоди стативата на Димитриевски. Шумански беше тој што немаше среќа, а ние имавме. Но затоа немавме, односно немаше среќа Несторовски кој во 58.минута со „ножички“ за малку ќе ги замолкнеше сите на Националниот стадион во Варшава.
Сепак, само што влезе во игра Франковски успеа да ја погоди нашата мрежа во 74. минута, претходно Левандовски го исфрли од игра Ристевски. Шест минути подоцна и Милик стрелаше, постигна ефектен гол за еуфорија на Националниот стадион во Варшава.
Национален стадион во Варшава. Гледачи: 55.000. Судија: Антонио Лахос (Шпанија).
Стрелци: Франковски 74., Милик 80. (ПОЛ). Ж. Картони: Беднарек, Шимански, Реца (ПОЛ), Пандев, Николов, Несторовски, Спировски, Алиоски, Муслиу (МАК).
ПОЛСКА: Шчесни, Бережински, Глик, Беднарек, Реца, Горалски, Круховјак, Гросицки (74. Франковски), Зијелински (90+2. Пјонтек), Шимански (68. Милик), Левандовски.
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски (81. Радески) Муслиу, Ристевски, Бејтулаи, Николов (8. Стоилов), Спировски, Алиоски, Пандев, Елмас, Несторовски (74. Трајковски).