Полскиот поет Адам Загајевски лауреат на Струшките вечери на поезијата
Познатиот полски поет Адам Загајевски е добитник на годинашниот Златен венец на 57-мото издание на Струшките вечери на поезијата. Одлуката беше соопштена на денешната прес – конференција во МАНУ од претседателката на Управниот одбор на СВП, проф. Елизабета Шелева. Министерот Алаѓозовски истакна дека му е драго што годинашниот добитник доаѓа од пријателска Полска, со која имаме одлична културна соработка…
Адам Загајевски е веројатно најпознатото име во светот на поезијата од Полска заедно со она на Часлав Милош, преведуван и објавуван на повеќе јазици и во значајни литературни списанија, истакна министерот за култура, Роберт Алаѓозовски на денешното објавување на носителот на Златниот венец на годинашното издание на Струшките вечери на поезијата „Светот на неговата поезија неизбежно се врзува и со некои наши општествени дилеми, особено со присутноста на минатото во сегашноста и емотивните состојби на личноста во свет кој е меѓу реалноста и сонот“, рече Алаѓозовски.
Загајевски заслужено влегува во плејадата на великани – носители на оваа награда. Со неа беа овенчани некои од најзначајните светски поети во втората половина на XX-тиот и почетокот на XXI- иот век. „Иако сме мала земја и литература по обем, таквата чест и улога во просудувањето и афирмирањето на светските книжевни вредности, не прави особено горди. Таа улога не обврзува и понатаму да бидеме одговорни кон она што достоинствено сме го вградиле во светската книжевна историја. А во неа, местото на Златниот венец е посебно и единствено“, истакна министерот за култура.
Она што е особено важно за овој светски поетски самит е неговата димензија на универзалност и човечки цивилизациски вредности. Мостовите на поезијата овозможија мостови на соработка, во едни специфични времиња на вечно поделениот свет по најразлични основи. Тие и денес, а верувам и во иднина ќе бидат платформа за дијалог, кој и понатаму придонесува во ткаењето на заедништвото на човештвото. „Струшките вечери на поезијата ја имаат нашата безрезервна поддршка, преку моќта на зборот постојано да ги предизвикуваат, отвораат и изоструваат нашите перцепции и хоризонти. Со сета своја историска тежина и традиција, манифестацијата заслужува биде и понатаму еден од важните носители на визиите и погледите на уметноста кон нашата подобра, заедничка иднина“, порача министерот Алаѓозовски.