Поповски: Владата на Македонија најотворена меѓу владите од регионот
Почитувани претставници на медиумите,
Почитувани граѓани,
Владата на Република Македонија е на првото место во регионот во транспарентност и отвореност, во споредба со Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора.
Ова го покажа меѓународното истражување Action SEE поддржано од Европската унија, а мониторингот за Република Македонија го спроведе и вчера ни го презентираше фондацијата Метаморфозис.
Додека јас говорам ќе можете да ги следите резултатите на графиконот, базирани врз методологијата и начинот на кој тоа е изработено.
На истото ова истражување, ова е многу значајно, минатата година Македонија беше на последното 6-то место. Ова е извонредно и исклучително признание. Еден од клучните приоритети и политики на Владата на Република Македонија, а тоа е транспарентно и одговорно владеење во интерес на граѓаните, но истовремено и уште поголема обврска и предизвик за уште подобри резултати.
Мониторингот на институциите е спроведен од декември 2017 до февруари 2018, а минатата година истото истражување е направено и за периодот од декември 2016 до февруари 2017.
Споредбата помеѓу двата периоди, покажува дека индексот на отвореност на Владата на Република Македонија значително се зголемил на 75,61 проценти во споредба со претходните 52,34 проценти, кога македонската Влада беше на последното место меѓу владите на земјите опфатени со ова истражување.
Голем напредок има и кај сите министерства на Владата.
Од последното 6-то место на минатогодишното истражување, министерствата во Македонија сега се на трето место, зад Црна Гора и Србија.
Овде ќе дадам мало појаснување. Кога се рангира Владата, се смета, кабинетот на премиерот, министрите кои се во рамките на Генералниот секретаријат, поточно тие што се сместени на некој начин симболично, во овој објект. Она што е многу значајно е дека и кај сите министерства има сериозно напредување во ова истражување.
Кај министерствата најголем напредок има во индикаторите на транспарентност и свесност, и на ниво на цела Влада и кај министерствата. Индикаторот за свесност покажува извонредни 99,88 проценти.
Владата на РМ е силно посветена на транспарентно, отчетно и одговорно владеење и ќе се стреми на следното истражување, кое ќе се имплементира во почетокот на следната година, да оствари уште подобри резултати и заедно со министерствата да биде лидер во транспарентност, отчетност и одговорност, не само во регионот, туку и пошироко.
Ова, Владата го прави во интерес на граѓаните, во интерес на медиумите, во интерес на граѓанското општество, затоа што, одговорното, транспарентно и отчетно владеење е основен постулат на секоја владејачка структура. Со ова ние ги поставуваме стандардите на владеење, и стандардите на политичко однесување, поточно градиме една нова политичка култура во Република Македонија, што ќе биде обврска за секоја следна владејачка гарнитура.
https://www.youtube.com/watch?v=x4aZ4E4nZDk