22/11/2024
Македонија

Порака од претседателот Пендаровски по повод 2 август – Ден на сеќавање на Холокаустот врз Ромите за време на Втората светска војна

Претседателот Стево Пендаровски по повод 2 август – Денoт на сеќавање на Холокаустот врз Ромите за време на Втората светска војна ја упати следната порака:

„Европскиот ден за сеќавање на Холокаустот врз Ромите, нѐ потсетува на едно од најголемите зла во историјата на човештвото за време на Втората светска војна кога беа погубени 4300 деца, жени и мажи Роми во нацистичкиот камп на смртта во Аушвиц-Биркенау и покрај нивниот отпор.

Тогашната идеологија, постави на сила закони кои овозможија експлоатирање на нивниот труд, нечовечки медицински експерименти, присилни стерилизации и на крајот, масовни убиства во логорите на смртта. За време на Втората светска војна убиени се над 500.000 Роми низ Европа и Балканот.

Денот за сеќавање на Холокаустот врз Ромите – 2 август, да ни биде поттик, во духот на солидарноста, меѓусебната почит и хуманоста, со заедничка одговорност да се спротивставиме на антициганизмот, тогашните и денешните неправди кон ромската заедница во Европа, за да не се повторат трагедиите од минатото”.