26/11/2024
Македонија

Порака од претседателот Пендаровски по повод Меѓународниот ден за сеќавање на холокаустот

Претседателот Стево Пендаровски упати порака по повод Меѓународниот ден за сеќавање на холокаустот во која истакна дека во време кога светот се соочува со пандемијата на Ковид-19, ние се потсетуваме на една друга пандемија, предизвикана од еден различен вирус, а тоа е антисемитизмот.

„Антисемитизмот ја негира вистината дека сите ние сме луѓе со еднакво, неотуѓиво и вродено човечко достоинство, дека човечкиот живот е бесценет бидејќи е уникатен и неповторлив. Наместо тоа, антисемитизмот, расизмот и нацизмот ги делеа луѓето и народите на повеќе и помалку вредни, и со тоа го отворија патот за нивна дехуманизација и уништување. Овој вирус што низ вековите предизвикуваше прогони и погроми против Евриете, на крајот кулминираше со холокаустот како пандемија на злото. “, се вели во пораката на претседателот Пендаровски.

Претседателот Пендаровски истакна дека Евреите како жртви на системска неправда и дискриминација биле најпрво лишувани од нивните граѓански и политички права, а потоа и од нивната сопственост и слобода, по што биле депортирани во нацистичките логори каде личните имиња им биле заменувани со безлични броеви и каде биле целосно обесчовечени.

„Над шест милиони мажи, жени и деца биле систематски убиени во логорите на смртта само затоа што биле Евреи. Меѓу нив биле и 7.144 македонски Евреи кои претставуваа дури 98% од нашата севкупна еврејска популација. Но, целта на нацистите не била само физички да ги уништат Евреите, туку и целосно да го избришат споменот за нивното постоење“, истакна претседателот Пендаровски.

Антисемитизмот продолжи да мутира како негација на холокаустот, рече претседателот Пендаровски порачувајќи дека морална обврска на нашата генерација е да го почитуваме достоинството на секој човек, да бидеме солидарни кон ранливите и обесправените и да се сеќаваме на холокаустот, за никогаш да не се повтори.

„Истовремено, на овој ден сме благодарни за преживеаните кои обновија многу еврејски заедници во Европа, вклучително и Еврејската заедница во Република Северна Македонија. На овој ден го негуваме и споменот за праведниците меѓу народите, за оние храбри мажи и жени кои ги ризикувале своите животи за да ги спасат прогонетите Евреи, а со тоа и нашата надеж во човечноста, солидарноста и добрината“, се вели во пораката на претседателот Пендаровски по повод Меѓународниот ден за сеќавање на холокаустот.