Поранешниот директор на „Завод за здравствена заштита“ запишал постдипломски студии на сметка на ЈЗУ
Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, СВР Охрид, до надлежното Јавно обвинителство поднесе кривична пријава против А.М. (56) од Охрид.
Во текот на 2007 година, пријавениот, во својство на директор во ЈЗУ „Завод за здравствена заштита“ Охрид, ја искористил својата службена положба и во текот на извршувањето на функцијата, запишал постдипломски студии на сметка на Јавната здравствена установа. Тој, со пречекорување на границите на своето службено овластување, откако до ЈЗУ упатил барање за постдипломски студии по јавно здравство, овозможил да биде прескокната статутарната постапка според која, стручниот колегиум требало да даде предлог и барање за упатување на вработен на постдипломски студии и по нивна одлука, да постапува Управниот одбор.
Во договорот за регулирање на меѓусебните обврски што произлегуваат од упатување на постдипломски студии по Јавно здравство, пријавениот внесол противправни одредби и за целото време на студиите, предвидел за себе исплата на целосна плата и придонеси како и исплата на сите трошоци за упис и посетување на магистерски студии од службени средства на јавната здравствена установа како и надомест за патни трошоци, иако имал право на користење службено возило.
Со оглед дека во периодот од 2010 до 2017, студиите сеуште не биле завршени, пријавениот не ги вратил примените службени парични средства, на што бил обврзан согласно потпишаниот писмен договор. Со тоа, пријавениот А.М, на ЈЗУ „Завод за здравствена заштита“ Охрид и предизвикал материјална штета и истовремено се стекнал со противправна материјална корист од 257.600 денари.