22/11/2024
Спорт

Пораз од Холандија за крај на ЕУРО 2020 за Македонија

Македонската репрезентација со пораз од Холандија на арената „Јохан Кројф“ го заврши настапот на Европското првенство. Нашата селекција загуби со 3:0 на последниот натпревар во репрезентативниот дрес за капитенот Горан Пандев. 

За Горан Пандев ова беше 122 натпревар во дресот на Македонија. Со стоечки овации беше испратен од навивачите на арената во Амстердам.

Македонската репрезентација постигна гол во мрежата на Холандија во 12. минута, но радоста ни беше скратена откако судијата покажа дека Иван Тричковски бил во недозволена позиција. Сантиметри ја делеа нашата селекција од водство на „Јохан Кројф“ арената во Амстрердам.

Во 22. минута, Александар Трајковски по додавање од Горан Пандев шутираше од далечина, но повторно немавме среќа откако топката заврши во стативата од домашниот гол.

Во 24. минута 1:0 за Холандија од исклучително спорна ситуација. Ние бевме во напад, Блинд остро стартуваше врз Горан Пандев, а откако главниот судија не досуди ништо, Мален и Депај повлекоа контра напад, а стрелец на голот беше Депај. Ниту по прегледувањето на снимката преку ВАР систем, романскиот судија не ја промени одлуката.

Холандија имаше нова одлична шанса во 37. минута, но Столе Димитриевски му одбрани зицер на Дуфрис. 

Во 50. минута, Иван Тричковски спаси втор погодок во мрежата на Димитриевски, откако Де Лихт шутираше со глава, а Тричковски расчисти од гол линијата. 

Сепак, само една минута подоцна 2:0 за Холандија. Вајналдум беше стрелец на погодокот, откако убаво беше проигран во петте метри од Депај.

Од слободен удар потоа Енис Барди се обиде да ја намали негативата, но голманот на Холандија, Стекеленбург беше на висина на задачата. 

Само неколку минути подоцна, во 57. Минута Депај и Вајналдум одново беа во главна улога, а Вајналдум повторно беше непогрешлив и биеше за убедливо водство од 3:0. 

Во 67. минута, Верхост ја погоди пречката од голот на Димитриевски, а во 73. минута поради офсајд беше поништен голот на Дарко Чурлинов.

Стоечки овации доживеа Горан Пандев откако беше заменет во 69. минута.