23/11/2024
Македонија

Посета на делегација на Црна Гора

Во духот на традиционално добрите пријателски односи помеѓу Црна Гора и Република Северна Македонија, државната секретарка на Министерството за внатрешни работи, м-р Магдалена Несторовска, денеска беше домаќин на црногорска делегација предводена од државниот секретар на МВР, м-р Зоран Миљаниќ. 
Заблагодарувајќи се за посетата, државната секретарка изрази задоволство од нивото на соработката во сите области од надлежност на министерствата, со посебен осврт на значењето на безбедноста на државните граници, миграциите и потребата од практичната имплементација на институтот реадмисија. Како национална координаторка за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, средбата ја оцени како успешна основа за надоградба на досегашната плодна соработка и можност за споделување на резултатите од справувањето со оваа појава.
На средбата присуствуваше и директорот на Бирото за јавна безбедност, м-р Сашо Тасевски. За време на разговорите беше потенцирана успешната соработка меѓу двете министерства, која се заснова на високо ниво на професионалност, меѓусебно почитување, доверба и искрено пријателство.
 Водени од заедничките определби за европски и евроатлански интеграции, на состанокот учествуваа и претставници од министерства за надворешни работи на двете земји. Средбата беше одлична можност да се согледаат предизвиците пред кои се поставени државите во областа на надворешните приоритети. Од тие причини, на средбата, свое обраќање имаше и државниот секретар на Министерството за надворешни работи, м-р Зоран Попов.
Двете делегации се согласија дека е потребно обединување на напорите на двете држави во спроведувањето на реадмисијата на граѓаните во земјите на потекло преку иницирање на активностите пред Европската комисија.