22/11/2024
Македонија

Посета на ПС Валандово и локалната самоуправа

„Безбедносната состојба во Валандово е стабилна и поволна, како впрочем и на целата територија на државата. Имаме подобрување на безбедноста, а тоа го кажуваат и граѓаните. На последната анкета на ОБСЕ, 75 отсто од граѓаните се изјаснија дека се чувствуваат безбедни“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по денешната посета на полициската станица Валандово и локалната самоуправа.

На средбата во полициската станица Валандово со раководството, но и вработените во оваа полициска станица, се разговараше за прашања што ја тангираат работата и делокругот на задачи на оваа полициска станица, а тема на разговор беа и условите за работа на полициските службеници.

„Во изминативе година и половина, јас и актуелното раководство на министерството презедовме низа конкретни активности за подобрување на статусот, на материјално-техничките и инфраструктурни услови за работа на полициските службеници. Подобрувањето на статусот и условите на работа, сфатени и како загарантирани права на полициските службеници се наш заеднички интерес, оти логиката е едноставна – само задоволен полициски службеник е ефикасен и професионален полициски службеник. Оттаму, реализираните активности за набавка на униформи за полициските службеници, проектот за санација и реконструкција на објектите во кои што тие работат и ги извршуваат своите работни задачи, кој што, патем речено, продолжува и оваа година, зголемувањето на платите на униформираните полициски службници, се само дел од базичните предуслови кои што треба да не донесат до посакуваната цел – професионална, функционална и ефикасна полиција како сервис на граѓаните“, рече Спасовски.

За 2019 година предвидени се нови 70 милиони денари за реновирање на полициските станици, а меѓу предвидените објекти за реконструкција е и полициската станица во Валандово. За набавка на нови униформи предвидени се нови околу 200 милиони денари. Предвидено е и зголемување на платите за пет проценти.

На средбата со градоначалникот на Валандово Перо Костадинов беше констатирано дека соработката меѓу полицијата и локалната самоуправа во Валандово е одлична, но се разговараше и за сегменти каде таа може да биде уште подобра, се во интерес на граѓаните.

https://www.youtube.com/watch?v=K1boAdaP9Is