Послание на Лауреатот, израелскиот поет Амир Ор
Годинешниот лауреат на Струшките вечери на поезијата – добитникот на Златниот венец, израелскиот поет Амир Ор, поради пандемијата, не можеше физички да биде присутен на фестивалот.
Сепак, тоа не го спречи да и се обрати на јавноста и да се заблагодари за признанието кое му беше доделено, како и да прочита 4 свои песни.
Во своето Послание, Ор нагласува дека се чувствува особено почестен и привилегиран што станал член во една избрана група лауреати, кои му претходеле.
-Тоа е традиција што ја прави Македонија престолнина на честа во холот на културата не само во Европа, туку и во светот воопшто. Оваа награда, како ништо друго, ме натера да почувствувам дека мојата поезија е овде примена со слух и срце, како што тоа всушност поезијата и го заслужува. Иако поради пандемијата не сум физички со вас, кога ви се обраќам знам дека се наоѓам меѓу луѓе кои читаат поезија, имаат култивиран вкус и потреба од неа, како и почит кон уметноста на поезијата, луѓе кои ја разбираат нејзината длабока важност бидејќи таа ѝ дава глас на мудроста, убавината, креативноста и имагинацијата, на дијалогот помеѓу нас како човечки суштества и на нашата слобода да мислиме и да сочувствуваме едни за други.Поетите се носители на Новото. Токму затоа поезијата за мене е секогаш копнеж и потрага, затоа секогаш ја пишувам песната што не ја знам, а не песната што веќе ја знам. За мене, вистинската поезија е секогаш неочекувана, пишува славодобитникот Ор.
Амир Ор, роден во Тел Авив во 1956 година.
Автор е на десет книги поезија.
Најновите книги објавени на хебрејски му се Музејот на времето (2007), Ѕверско срце (2010) и Пророштвата на лудакот (2012).
Неговите песни, преведени на повеќе од четириесет јазици, се објавени во антологии, списанија за поезија, како и во дванаесет книги во Европа и САД.
Ор е добитник на израелски и меѓународни поетски награди, меѓу кои се и Бернштајовата награда, Фулбрајтова награда за писатели, Премиерската поетска награда Леви Ешкол…
Добитник е и на неколку поетски стипендии, меѓу кои и кај Универзитетот на Ајова, Центарот за еврејски-хебрејски студии на универзитетот во Оксфорд, Литературниот колоквиум во Берлин, Фондацијата Хајнрих Бел во Ирска, и во замокот Хауторден во Шкотска.
Професор д-р Елизабета Шелева го претстави поетскиот портрет на Амир Ор, годинешен лауреат на Златниот венец на СВП
Струга, 30 Август 2020 – “Таинствениот дослух меѓу плотното и спиритуалното во лириката на Амир Ор”, беше озаглавено инспиративното Слово, со кое, синоќа, пред учесниците на Струшките вечери на поезијата, но и пред домашната и светската јавност, професор д-р Елизабета Шелева го претстави Лауреатот на СВП за оваа година.
Амир Ор – име, налик на анаграм,што појдовно ја оддава својата судбоносна поврзаност и опчинетост од лириката, од страстниот танц на зборовите (воочливи во прилежната хомофонија на неговите шест букви). Книжевната критика во светот, лаконски го опишува Амир Ор, како поет со „многу лица“, чие творештво, според мислењето на полската критичарка и професорка, Беата Тарновска, „изобилно се храни од противречностите: сензуално, дури екстатично, воедно и длабоко интелектуално и возвишено“, се произнесе, д-р Шелева.
Таа ја цитираше американската преведувачка и критичарка, Лин Левин, според која читањето на израелскиот поет Амир Ор, наликуваа на „јавање врз жестока комета”.
Филозофски и митопоетички, неговите песни го истражуваат времето, космосот, душата, Еросот, расколот, промената. Ор ја опишува својата поезија како вид „егзистенцијално преиспитување и потрага“, односно, обид поетскиот јазик да послужи како подлога за прашањето: каде, зошто и кои сме ние, како човечки суштества?!
-Веќе на прв поглед, и на прво читање, творештвото на Амир Ор плени со својата вибрантност и енергетски полнеж, непресушниот копнеж и радикалната потрага по новото и непознатото, извонредната сугестивност на лирската интонација, како и повеќеслојната симболика на античката митологија, што моќно ги проникнува овие, дијалошки обликувани стихови и молбени обраќања кон лирското Ти – кон исконскиот Друг/или, Друга. Неговата интонација опфаќа восхит, зачуденост, но и длабок усет на вознемиреност… Како и во случајот со Вилијам Блејк, тешко е да се класифицира поезијата на Ор. Тој е поет на големи идеи, напати екстатичен, напати визионер и, бездруго, бунтовник, кој ги преиспитува нашите удобни замисли за јазикот, светот и човековото искуство, наведе д-р Шелева.
Поезијата на Амир Ор е впечатлива, приемчива; тоа е поезија, која не му дозволува на читателот да остане рамнодушен, оти самата е динамично раздвижена, благодарение на сочниот, свеж, императивен јазик, што го негува; танцувачкиот динамичен ритам на стихот; комплексните, емоционални и духовни немири, изнедрени однатре и „директно од бедрото“ (како што експлицитно признава поетот, алудирајќи притоа на прометејската саможртва, што искуствено ја принесува или бара, во име на автентичноста).
Д-р Шелева, му оддаде признание на големиот поет, кој, без да стравува за сопствената безбедност и лагодна позиција, смело ги „напаѓа“ фундаменталните замки и фантомските стапици на човековата егзистенција; нерешливите, а заводливи идентитетски прашања (кој сум јас, што сме сите ние и во која насока сме се упатиле); сизифовската потрага по смислата на постоењето; конститутивната упатеност кон Другиот; предизвикувачкиот, непрестаен и љубовен мегдан со големото ( не секојпат и до крај доловливо) Ти; соочувањето со смртта како ултимативен хоризонт на постоењето; длабењето по архетипските нишки на човековото битисување.
Таа потсети на едно од неговите вдахновени интервјуа, за медиум од соседниот, балкански регион, во кое Амир Ор експлицитно изјавува: „Поетот мора да живее повеќе животи истовремено“, заради неопходната потреба од осознавање, но и (поголема) емпатија.
-Појдовниот хоризонт на песните на Амир Ор е недвосмислено обележан со темелните, егзистенцијалистички обоени теми на опустошеност, тегобност, ранетост и бесконечен копнеж, пред кои бидува изложен современиот човек, појдовно фрлен во вкрстениот вител и непрестаен мегдан, што се води вонегосамиот, меѓу животинскиот (страствен и насилен) порив, од една страна и од друга – цивилизираниот (учен и високо софистициран) порив/импулс–мегдан,штого оставаподеднакво збунет предобетекрајностивосебе: историскиот и исконски демон Варваринот,што одвнатре го согледува ипрепознава, исто како и треперливиот, болендо саможртва по трајна убавина, митски лик на Нарцис, ќе каже Шелева.
Амир Ор е интригантен автор, чијашто поезијаизворно ги оддава рефлексиите на една исклучително богата, автентична и влијателна книжевна и културна традиција, како еврејската, за која е извесно, дека, и во најтешките околности низ вековите, таа себеси се градела, како раскошен палимпсест и синтеза на плодоносни, гео-културни вкрстувања, вклучително, инајразновидни творечки практики и истории.
-Меѓу нив, покрај останатите, спаѓаат и одеците на полската, односно словенската културна традиција, кои овде посебно ги издвојуваме, со оглед на фактот, што семејните корени на Амир Ор, како и многумина другиавтори од еврејската дијаспора, потекнуваат токму од Полска,каде што живееле, пред да се населат во Израел, родната земја на поетот, потенцираше д-р Шелева.
Според Шелева, недвосмислената е припадноста на поезијата на Амир Ор, кон древната и плодоносна хебрејска културна традиција.Освен преку самиот медиум на јазикот, недвосмислено се открива преку изворната потреба на лирскиот субјект за дијалог и понирање во доменот на сакралното, и не толку во неговата канонска, ортодоксна смисла, колку во самото опстојување и изострување на радикалната запрашаност, како темелен животен и поетички модус; проследен со загрижено, догматски неоптоварено преиспитување и жед на лирскиот субјект запонирањево суштествената вистина,но иповисоката етика на човековото битие,штокајнего секојпат севосприеманиз соживот и единство со природата, живиот свет во неа исветатаинстанца на Бог.
Шелева го цитираше американскиот критичар Џон Дин, кој, низ парафраза на еден од стиховите на Амир, заклучува, дека тој е „поет, кој, со секое свое движење во јазикот, отвора рани во нашиот сентиментален и разранет пристап кон животот. Амир е поет, што, во ова време, се осмелува да ја спомене душата. Поет, чија свест за поезијата на Стариот завет, одекнува лесно и автентично.“
За епохалниот контекст, во кој се јавува поезијата на Амир Ор, Шелева, даде илсутрација низ речта на британската критичарка Фиона Сампсон: „Ор е поет, чии корени извираат од радикалната несигурност на 20 век, кој ја разгласи смртта на бога, заедно со смртта на човекот. Или, барем на хуманизмот, на утешното верување, дека човечката природа би можела да биде складиште на некои, во крајна линија, достоинствени димензии на смислата“.
Иранската критичарка Роса Џамали, инаку голем почитувач на делото на Амир Ор, во арапскиот културен простор, ќе истакне една, за нас овде, особено интересна одлик на овој автор, како припадник на „ лирската наратологија на Истокот“. Според впечатокот на Џамали, поезијата на Ор сосема се разликува од мејнстрим поезијата на Западот, поради особената позиција на лирскиот „наратор (кој) се наоѓа во улога на опсерватор/набљудувач, не оддавајќи самиот сочувство како емоција, ами оставајќи му на читателот, лично да се вложи и одлучи во врска со сето тоа“.
-Навистина, Амир Ор, со својата поезија, вдахновено им се спротивставува на замките на бинаризмот, при тоа, оцртувајќи го заводливото отсуство, или, макар, претопувањето меѓу границите, како делоторен иљач за фаталната оттуѓеност, што владее меѓу луѓето и природата во светот денес. Со својата синкретична и слоевита духовна структура, поезијатанаАмирОр упатува загрижен повик кон ова човештво, шторечисидофаталенстепен заборавилона својата пра-единственост и исконското заедништво, од кое некогаш изникнало, развивајќисе во повеќе, дивергентни и, главно, непријателски или компетитивно настроени правци. Со своите високи естетски квалитети, оваа поезија и нејзиното пообемно приопштување на македонски јазик, несомнено ќе отвори нови предизвици пред следните генерации македонски поети, со оглед на фактот, дека Амир Ор (годинава и добитник на престижното и угледно признание „Златен венец“ на СВП), претствувавонсериски, ширум светот признаен автор, чие творечко влијание и се’страниот културен ангажман, одамна го пречекорија книжевниот простор на матичната култура во Израел, вбројувајќисе меѓу вредните придобивки и трајните дострели на современата поезија во светот, ќе потенцира д-р Шелева..
На крајот од своето слово, д-р Шелева, им се обрати на присутните, со пораката дека, сега, ни преостанува благородната можност, искрено да и’ сепрепуштиме на оваа поезија, пиејќи од раскошниот авторски извор на Амир Ор, поетот, чие презиме (а тоа, во меѓувреме,го откривме) на хебрејски јазик, ја означува, ни помалку ни повеќе, туку самата светлина!
-Светлина, богато натопена со благородните одеци на различните и древни култури, кои чинат совршен амалгам со неговата вибрантна сензуалност, исклучителна сензибилност, изострена луцидност и духовна запрашаност,но и подготвеноста, да се оди до крај со нештата, низвпечатливата лирска реторика и животворната речитост на обраќањето, што ја потврдуваат универзалната вредност на оваа поезија и нејзините далекусежни пораки, упатени кон човекот на иднината, заврши д-р Шелева, претставувајќи го поетскиот портрет на годинешниот лауреат на СВП, израелскиот поет Амиц Ор.