Поставени 10 прочистувачи за воздух во гинеколошката болница „Мајка Тереза“ во Чаир
Денеска, во Специјалната болница по гинекологија и акушество „Мајка Тереза“ во Чаир беа промовирани десетте прочистувачи за воздух кои веќе се поставени на котлите во објектот, а истите се донација од компанијата „Блу Ер“, специјализирана за производство на прочистувачи на воздух во резиденцијални и канцелариски простории.
На настанот присуствуваа заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, министерот за здравство Венко Филипче и менаџерот за Европа од компанијата „Блу Ер“, Александар Провинс.
Според Макрадули, борбата за чист воздух е континуирана активност на Владата, а денешното поставување на десетте филтри во вредност од 10.000 евра во гинкологија Чаир е во рамки на инвестиционата Програма за реализација на Планот за чист воздух на Владата.
– Тоа е интелигентен, мрежно поврзан интегриран систем, кој истовремено ја регистрира емисијата на штетни гасови и ги филтрира, а сето тоа се следи во реално време – истакна Макрадули во своето обраќање.
– Министерството за здравство интензивно работи на промена на системот за греење во јавните здравствени установи, а токму оваа установа е еден од приоритетите. Притоа, ова е добар пример за општествено одговорна компанија – изјави министерот Филипче.
Тој додаде и дека веќе е изработен основен проект за реконструкција на котларата со нова машинска опрема со употреба на гас, а во моментот, во тек е постапка за изработка на тендерска документација.
Во рамките на активностите за промена на системите за греење од мазут на гас најавени за повеќе јавни здравствени установи, меѓу приоритетите, се и општите болници во Куманово и Струмица за кои е најавно дека веќе во следната грејна сезона ќе бидат подготвени да се грејат на гас.