Постхумно промовирани поемата „Обденица“ и збирката раскази „Вечен живот“ од Петко Шипинкаровски
Културниот центар „Бран“ – Струга и Меѓународната ревија за литература „Бранувања“, во Домот на културата „Браќа Миладиновци“ во Струга, ја организираа манифестацијата “Послание во чест на писателот Петко Шипинкаровски (1946-2020)”.
Беа промовирани двете постхумно објавени книги: поемата „Обденица“ и збирката раскази „Вечен живот“, додека познати македонски автори, кои читаа песни посветени на Петко Шипинкаровски.
За поемата „Обденица“ говореше проф. д-р Димитар Пандев, додека збирката раскази „Вечен живот“ , ја промовираа проф. д-р Даниела Андоновска – Трајковска и проф. д- р Весна Мундишевска – Велјановска и Елизабета Јончиќ.
Петко Шипинкаровски почина ова лето по кратко и тешко боледување. Без сомнение, неговото заминување е празнина во македонскиот литературен простор, зачувувач на македонските архаизми градејќи вредни сочиненија за македонската современа литература.
Беше голем посветеник на македонската литература. Многу енергичен човек, со обемно литературно творештво кој даде голем влог во ревијата „Бранувања“ и Меѓународната манифестација „Струшки книжевни средби. Зад себе остави отпечатени преку 30 книги.
Шипинкаровски со својата литературна дејност носеше живост и свежина во културниот живот и изгради книжевни врски со многу негови соработници од повеќе земји.
Организаторите, поети, колеги и блиски на починатиот автор, мегу кои и неговиот син, Димче Шипинкаровски, упатија посебна благодарност и доделија Златни благодарници на поединци и институции.
Мегу другите, до министерката за култура Ирена Стефоска, ДПМ, ЗНМ, Друштвото на писателите на Србија, Книжевното друштво на Косово и Метохија (беше нивни почесен член), Сојузот на независни писатели на Бугарија, (надворешен член), Здружението на писатели „Седумка“ од Франкфурт, Германија, Хрватското книжевно друштво од Риека и други.
Присутните, ја разгледаа и изложбата на портрети и фотографии од животот на Петко Шипинкаровски, како и насловните страници на ревијата „Бранувања“.
Посланието го водеше Мишо Китаноски, а презентер беше Верица Мукоска.
Веле Митаноски