Потпишан договор за градежно земјиште помеѓу ДТИРЗ и Мурат Тиџарет
Вчера во Владата на Република Македонија, директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, Александар Младеновски и менаџерот на компанијата Мурат Тиџарет, Ејуп Ѓулсој потпишаа договор за закуп на градежно земјиште во ТИРЗ Скопје 2.
Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев во своето обраќање пред присутните истакна дека потпишувањето на договорот за градежно земјиште е доказ дека Владата ќе гради добар однос со странските, но и со домашните инвеститори и дека владината поддршка за нови инвестиции ќе биде и повисока од минатото.
„Мерките од Планот за економски раст се транспарентни и со јасни критериуми за инвеститорите. Направивме симулација на постојните договори коишто ги имаме склучено со компаниите во ТИРЗ и резултатите се охрабрувачки. Сите компании кои работат со успех и се развиваат би биле и подобро поддржани. За таа цел Владата во новиот буџет детерминираше 46% повеќе средства во Програмата за економски развој за поддршка на инвеститорите, а се кратат непродуктивните трошоци за реклами. Разговараме со нови 19 инвеститори, а токму толку компании се моментално активни во ТИР зоните“, потенцираше Анѓушев.
Ејуп Ѓулсој, Менаџерот на компанијата Мурат Тиџарет, појасни дека планираат во првата фаза да инвестираат 6,6 милиони евра, со кои треба да се изгради производствен капацитет од над 6.000 метри квадратни метри и да се вработат околу 300 лица. Во периодот од 10 години, компанијата би вработила вкупно 600 лица, а вкупното производство би се простирало на околу 18.000 метри квадратни.
„Географската положба на Република Македонија, односно близината до Европската Унија, квалификуваната работна сила, позитивниот пристап на Владата и новиот пакет на мерки за државна помош кои Владата ги подготвува беа фактори кои придонесоа компанијата да се одлучи да инвестира во Република Македонија“, истакна Ѓулсој.
Директорот на ДТИРЗ Александар Младеновски истакна дека условите за инвестирање во зоните се исти за сите компании и дека дирекцијата е во постојани преговори со домашни и странски компании кои се заинтересирани за инвестиции.
„Дирекцијата заедно со Владата на Р.М континуирано води разговори со потенцијалните инвеститори заинтересирани за Македонија со кои сме во различни фази на преговори. Во последно време освен на странските компании зголемен е и интересот на домашните компании за инвестирање во ТИР зоните“, подвлече Младеновски.
Компанијата Мурат Тиџарет ќе функционира во Република Македонија под името Murat Wiring Systems, кои согласно договорот во наредните 50 години ќе добијат на користење земјиште со површина од 32 илјади квадратни метри, по цена на користење од 0,1 ЕУР по метар квадратен годишно. Првата фаза на инвестицијата ќе започне во февруари 2018 година, а се очекува производствениот погон да започне со работа во декември истата година.