22/11/2024
Македонија

Потпишан Договор за соработка со „Традуки“ за периодот 2019 – 2020 година

Министерот за култура Асаф Адеми денеска во Музејот на македонската борба, заедно со претставниците на земјите членки на Европската мрежа за литература и превод „Традуки“ потпиша Договор за соработка за периодот 2019 – 2020 година ..

По потпишувањето на Договорот со кој се продолжува полноправното членство на Македонија и на останатите држави за наредниот двегодишен период, министерот за култура Адеми го изрази своето уверување дека како држава ќе дадеме свој значителен придонес во стратегиските насоки за развој на Мрежата и промоција на вредностите кои се дел од заедничкиот европски мозаик.

Тој ја нагласи и подготвеноста на Република Македонија за логистичка и каква и да е друга поддршка околу реализација на идните планови за развој на Мрежата. Министерот Адеми ја истакна потребата од уште поголемо внимание за преведувачите, кои претставуваат важни културни посредници во промоцијата и афирмацијата на делата и авторите во меѓународен контекст. Во таа смисла беше изразен интерес за зголемена динамика на средби меѓу авторите, преведувачите, издавачите, библиотекарите, критичарите и научниците од земјите кои се членки на Мрежата.

Република Македонија е полноправна членка на Мрежата „Традуки“ од ноември 2017 година, а во неа учествуваат и: Австрија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Германија, Косово, Лихтенштајн, Романија, Словенија, Србија, Хрватска, Црна Гора и Швајцарија.

Потпишувањето на Договорот за соработка се реализира во рамките на тридневната работна средба на членовите на Управниот одбор и Програмската комисија на Европската мрежа за литература и книги „Традуки“, која се одржува од 29 до 31 октомври во Скопје.