25/11/2024
Македонија

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за иселеништво на РМ и ДУРДМОВ

Во просториите на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија, директорот Никола Шалваринов имаше работна средба со директорот на ДУРДМОВ „Димитар Влахова”, Горанчо Јакимов. На оваа средба двете институции предводени од директорите, потпишаа Меморандум за соработка, преку кој во иднина институциите ќе соработуваат со цел интеграција и унапредување на потребите на сите деца и младинци кои имаат оштетен вид. На оваа средба беше воедно договорено, при реализацијата на Летната школа 2019 година, да се овозможи на група деца и млади од оваа категорија да учествуваат на истата, а со тоа преку соодветни содржини и активности да им се приближи македонскиот јазик, култура и традиција како и дружба со нивните врсници.

„Минатата година проектот Летна школа 2018 година на Агенцијата за иселеништво, како и секоја година се реализираше во Охрид, но за првпат на оваа школа , присутните имаа можност да го изучуваа покрај македонскиот јазик и албанскиот и хрватскиот јазик, како јазици на помалите етнички групи. Во духот на соработката и продолжение на веќе започнатите активности, како и желбата за поголем развој на нашите работни задачи, од оваа година, за првпат на Летната школа ќе можат да учествуваат и деца и млади кои имаат оштетен вид, а се дел од македонската дијаспора и воедно сите учесници заедно ќе можат да се дружат и забавуваат, но пред се‘ ќе се едуцираат”- изјави директорот на Агенцијата за иселеништво, Никола Шалваринов.

„Голема благодарност, пред се’ до директорот на Агенцијата за иселеништво, Никола Шалваринов и целиот тим на Агенцијата, за несебичната и целосната поддршка за реализација на ваковиот настан. Ова ќе биде од големо значење за двете институции за идната соработка, а со тоа ние како специјализирано училиште ќе го дадеме нашиот максимум, за реализација на оваа хумана пред се’, а по тоа и едукативна цел. Сигурен сум дека Летната школа 2019 година ќе биде вистински пример како две институции преку соработка чинат добро на своите граѓани и верувам дека и во иднина заедничката соработка не само што ќе се продолжи туку и ќе се продлабочи”- изјави директорот на ДУРДМОВ „Димитар Влахова”, Горанчо Јакимов.

Агенцијата за иселеништо на Република Македонија е посветена на своето работење, но и цели кон поттикнување на свеста кај сите општествени чинители за воспоставување на хуманиот концепт.