26/11/2024
ДебрцаОхрид

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу општина Дебрца и ЗП Охрид и Дебрца

Под покровителство на градоначалниците на општините Дебрца и Демир Хисар, на Илинска Планина, вчера кај Илинска црква се одржа заедничка пензионерска средба на Здружението на пензионерите Охрид и Дебрца и Здружението на пензионерите Демир Хисар. На средбата присуствуваа пензионери од двете здруженија, како и гости од здруженија на пензионери од други места во Република Македонија и од збратимените здруженија на пензионерите од градот Врање, Република Србија и градот Поградец, Република Албанија.

Градоначалникот Ногачески на средбата со Претседателот на Здружението на пензионерите Охрид и Дебрца, Ѓорѓи Трпчески потпишаа Меморандум за соработка помеѓу општина Дебрца и Здружението, со што ја формализираа фактички воспоставената соработка.

Градоначалникот Ногачески, во неговото обраќање, на Здружението на пензионерите Охрид и Дебрца им го честита јубилејот 68 години постоење, а на Здружението на пензионерите Демир Хисар, 50 годишниот јубилеј.

„Посебно истакнав дека пензионирањето од работа не значи пензионирање од општеството и дека пензионерите се и мора да бидат значаен чинител во нашето општество.Со своето акумулирано знаење, интелектуален капацитет, мудрост и искуство треба да ни помагаат на нас помладите, за добробит на сите граѓани. Со мислата за благосостојба на сите наши граѓани и за силна и просперитетна Република Македонија, на крајот на присутните им посакав здравје, исполнети пензионерски денови и желба оваа средба да прерасне во традиција, која ќе ја негуваме и збогатуваме“. – истакна градоначалникот Ногачески.