22/11/2024
Охрид

Потпишан меморандум за соработка помеѓу Општина Охрид и Правниот факултет од Кичево

Општина Охрид претставувана од градоначалниот Кирил Пецаков и Правниот факултет – Кичево, единица на Универзитетот „Св.Климент Охридски” од Битола претставувана од деканот проф. д-р Светлана Вељаноска, денеска потпишаа меморандум за соработка.

Целта на меморандумот е воспоставување на долгорочна научно-стручна, образовна и апликативна соработка помеѓу двете институции.

Меморандум предвидува соработка во едукативни процеси преку ангажирање на експерти од практиката за реализација на практична настава за студентите и учениците во зависност од расположливите можности.

Меморандумот опфаќа реализација консултации, вклучување на експерти во исполнувањето на теоретските содржини на студиските програми, воспоставување на контакти и заедничка презентација пред домашни и странски субјекти како и организирање на тркалезни маси и размена на искуства на разни панели, трибини и дискусии.

Градоначалникот Пецаков и проф. д-р Вељаноска разговараа за актуелните аспекти на високото образование и можностите за осовременување на условите за настава. Соговорниците заеднички изразија надеж дека воспоставената соработка помеѓу двете институции ќе вроди конкретни и квалитетни проекти, кои ќе дадат придонес во современиот развој на Охрид и останатите населени места од Југозападниот регион на Република Македонија.


WebOhrid / 14.02.2023 / Општина Охрид