22/11/2024
Македонија

Потпишани протоколите за имплементација на „One stop shop“ на „Табановце“

 Со цел  подобрување на движењето на граѓаните и трговијата и олеснување на сообраќајот преку државната граница помеѓу Р.Северна Македонија и Р. Србија, денеска во Скопје беа потпишани засебни протоколи за имплементација на Спогодбата за воспоставување на заеднички контроли на граничниот премин за меѓународен патен сообраќај Табановце ( Р.Северна Македонија) – Прешево(Р. Србија), помеѓу надлежните институции на Република Северна Македонија и Република Србија . Денешното потпишување на протоколите следува по потпишувањето на Договорот меѓу владите на Република Северна Македонија и Република Србија во Белград на 12 јули за воспоставување на заеднички контроли на граничниот премин за меѓународен патен сообраќај Табановце-Прешево од страна на министерот Оливер Спасовски и неговиот српски колега Небојша Стефановиќ.

На денешното потпишување на протоколите делегациите ги предводеа државните секретари на двете министерства: м-р Магдалена Несторовска и м-р Милосав Миличковиќ.

„One stop shop е проект на кој сме особено горди и искрено се надевам дека ове ќе биде добар пример за сите држави во регионот. Потпишувањето на протоколите за спроведување на Договорот помеѓу Владите на Република Северна Македонија и Република Србија за заеднички контроли на граничниот премин за меѓународен патен сообраќај се доказ дека заедничките сили, соработка и вклученоста на институциите на крај резултираат со успех кој ќе биде од полза на граѓаните од двете држави“,рече м-р Несторовска во своето обраќање.

Директорот на Царинската управа Ѓоко Танаскоски  изрази задоволство од потпишувањето на протоколите, потенцирајќи дека поблиската соработка меѓу службите резултира со поуспешно откривање на нелегални прекугранични активности, а со тоа се зголемува безбедноста.

Државниот секретар Миличковиќ рече дека граничниот премин Прешево-Табановце е еден од најпрометните премини, особено во текот на летото кога голем број на граѓани на Република Србија преку него се упатуваат кон Грција, па со „One stop shop“ значително ќе се скрати чекањето на граничниот премин.

„Од воспоставувањето на заедничка контрола ќе имат дирекна корист граѓаните на Србија и Северна Македонија. Ова е јасен показател дека раководствата на двете земји носат решениај за секојдневните проблеми на граѓаните“, рече Миличковиќ.

По завршувањето на останатите формалности, наскоро ќе почне да функционира „Оne stop shop“ на ГП Табановце-Прешево.