29/11/2024
Спорт

Повторно доминација на охриѓанки на меѓународниот Турнир во гаѓање со воздушно оружје

Повторно доминација на охриѓанки на меѓународниот Турнир во гаѓање со воздушно оружје-меѓународна програма, што викендов се одржа во Пловдив Р.Бугарија. За младите јуниорки од СК „Охрид“ ова е прв настап на електронски мети (освен за Анастасија), технологија која е по Правилата на меѓународната спортска стрелачка федерација и која се применува насекаде во светот, освен во нашата земја.

Во исклучително силна конкуренција, со натпреварувачи од повеќе клубови од Бугарија (Тракиа, Санел, Пирин, Казанлак), нашите помлади јуниорки-до 15 години, ги зазедоа првата и третата позиција.

Анастасија Мојсовска со извонредни 403 круга, повторно на првата позиција, (таа со овој резултат повторно ќе беше прва и доколку се натпреваруваше во конкуренција на јуниорки до 20 години) додека Јована Милевска се пласира на третата со резултат од 389,1 кругови со само 1 круг заостанување зад второпласираната. Останатите членови од клубот, за кои ова е втор настап на меѓународен натпревар се пласираа на 10-тата, 11-тата и 14-тата позиција, односно 6-та позиција за Бојан Спасеновски во категорија на млади јуниори. И покрај ваквите солидни резултати, што се бележат во континуитет, раководните лица од нашата федерација не ги пријавува нашите стрелци на ниту еден меѓународен натпревар, туку за развојот и унапредувањето на спортската форма на нашите стрелци, мораме ние самите како клуб да ја унапредуваме носејќи ги стрелците на трошок на клубот на вакви меѓународни турнири. Клубот изразува голема благодарност до локалната самоуправа на Охрид, која по подолг временски период конечно ни излезе во пресрет и ни го обезбеди превозот, информираат од СК „Охрид“.