26/11/2024
Охрид

Познатиот пијанист Александар Маџар вечерва на „Охридско лето“

Познатиот белгиско-српски пијанист Александар Маџар вечерва ќе се претстави пред публиката на фестивалот „Охридско лето“. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот, а на репертоарот се дела од Јозеф Хајдн, Петар Илич Чајковски, Јоханес Брамс и  Фредерик Шопен.

Александар Маџар е српски пијанист, кој со пијаното се запознава уште на шестгодишна возраст под менторство на Гордана Малиновиќ, а подоцна се усовршува кај познатите: Арбо Валдма, Елисо Вирсалаѕе и Даниел Блументал во Нови Сад, Белград, Москва и Брисел.

Своето деби, тој го доживува во 1990 година, со Берлинскиот филхармониски оркестар под водство на Иван Фишер. Оттогаш редовно одржува рецитали, солистички и камерни концерти низ Европа во соработка со познатите: Андре Превин, Марчело Виоти, Паво Арви, Андрис Нелсон и многу други значајни имиња од музичката литература. Неговите турнеи опфаќаат и настапи на музичките сцени надвор од Европа, и тоа во Америка, Јужна Африка, земји од истокот и Австралија.

Пијанистот Маџар е добитник на повеќе награди на натпревари во Женева, Лидс, како и на престижните интернационални пијано натпревари „Феручо Бузони“ и „Умберто Мичели“. Во моментов работи како професор на Кралскиот фламански конзерваториум во Брисел.