29/11/2024
Охрид

Познатиот пијанист Роберт Биша вечерва ќе музицира на „Охридско лето“

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва предвидува концерт на познатиот пијанист Роберт Биша од Албанија кој ќе настапи заедно со вокалната група „Исо-полифон хор“.

Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Роберт Биша е неверојатно талентиран пијанист и композитор, генијален импровизатор и еден од најталентираните мултиинструменталисти денес. Неговата музика е современа, со елементи на авангардниот џез. Свири на електрично пијано, правејќи ремиксови на оригинална музика, имплементирајќи ги техниките на класичната музика со современи хармонии и елементи на богатиот албански фолклор.

Полифоната вокална музика е сè уште актуелна во Албанија, а во 2005 година е прогласена за ремек-дело на нематеријалното културно наследство на човештвото од страна на УНЕСКО. Албанскиот „Исо-полифон хор“ е најголемиот претставник на различни музички стилови од јужна Албанија. Зборот „исо“ го претставува т.н. дрон (придружба, каде еден тон или акорд постојано звучи низ целата композиција), кој може да се пее континуирано или ритмички спротивно од останатите мелодии. Ваквите композиции претежно ги изведуваат машки гласови на најразлични социјални случувања. Традиционално, исо-полифоното пеење од јужните делови на Албанија се пренесува „од колено на колено“.