23/11/2024
Македонија

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да учествуваат во работата на Собранието

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ денеска потврдија дека нема да учествуваат во парламентарните тела и заседанија посочувајќи дека во ситуација кога шестмина нивни колеги се во притвор нема соодветни услови за тие да партиципираат во работата на Собранието.

„Во моментов СДСМ е владејачко мнозинство и тие имаат должност да ги обезбедат сите услови за непречено функционирање на Парламентот. Сметам дека во овој момент кога 12 отсто од нашата пратеничка група односно шест пратеници се во притвор нема соодветни услови за ние соодветно да партиципираме во работата на Парламентот,“ изјави денеска на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Горан Манојлоски одговарајќи на прашање дали ќе учествуваат на утрешната расправа за законот за јазици за кој имаат поднесено осумдесетина амандмани.

Манојловски кажа дека според нивните неофицијални информации пратеникот Крсто Мукоски, кој е во притвор, веќе една недела штрајкува со глад и неговата состојба не е добра и оти за ова и за кршењето на човековите права на лицата засегнати во настаните од 27 април ги информирале претставниците на меѓународната заедница со кои имале средба деновиве.

„Денеска имавме средба со политичкиот претставник за правни работи на ОБСЕ, Џеф Били каде што директно го запознавме и му укажавме за нашите забелешки околу кршењето на човековите права на сите лица кои што се засегнати и обвинети околу настаните за 27-ми април,“ рече Манојловски.

Ги пренеле и забелешките околу кршењето на правните процедури и кршењето на полициската процедура при приведувањето на пратениците без претходно да биде соодветно правно постапено, односно не е свикана седница и не е одземен нивниот имунитет согласно Деловникот на Собранието.

Манојлоски повторно ја обвини СДСМ за како што кажа класичен политички реваншизам, демонстрирање на сила и силување на институциите.