Правила и прописи за безбедно возење со трактор
„Безбедно возење со трактор“ е насловот на новата кампања која ќе ја реализира Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во наредниот период и истата има за цел едукација и подигање на свеста кај возачите на трактори и други мобилни машини за нивно одговорно учество во сообраќајот, во прв ред едукација за потребата за управување на технички исправно возило.
Голем број на граѓани во Република Северна Македонија се занимаваат со земјоделие и согласно тоа голем број на возачи учествуваат во сообраќајот со трактори, мотокултиватори и други мобилни машини. За жал, состојбата на терен покажува дека голем број од возачите на трактори управуваат технички неисправни возила, не се соодветно осветлени во ноќни услови, итн. па многу често се случува токму тоа да биде причина за предизвикување на сообраќајни незгоди со загинати и тешко повредени лица.
Согласно наведеното РСБСП со потсетување за најважните одредби од законот кои се однесуваат на оваа категорија на возила:
- Сопственикот на трактор и/или тракторска приколка, е должен на секои шест години од денот на првата регистрација да го регистрира возилото.
- Сопственикот на трактор при продолжување на важноста на сообраќајната дозвола е должен да приложи доказ за извршено осигурување и доказ за техничка исправност на возилото, односно потврда за извршен технички преглед на возилото.
- Редовен технички прегледи на трактор се прави на секои две години по првата регистрација.
- На јавните патишта се ограничува брзината на движење на 30 km/h за трактори и 25 km/h за трактори што влечат приклучно возило со кое се превезуваат лица.
- Трактор и тракторска приколка во сообраќајот на пат, задолжително треба да бидат технички исправни и да имаат исправни уреди. (сопирачки, светла и др.)
- На трактор може да се превезува лице само ако има посебно фабрички вградено седиште.
- На приклучно возило што го влече трактор може да се превезуваат до пет лица кои работат на товарење или истовар на товарот или кои вршат земјоделски работи.
- Ако трактор влече две приклучни возила во нив не смеат да се превезуваат лица.
- Со приклучно возило што го влече трактор, може да се превезуваат и повеќе од пет лица, ако тие вршат земјоделски работи и тоа само од местото на живеење до местото на работење и обратно и од едно до друго место на работење.
- На трактор што влече приклучно возило во кое се врши превоз на лица, може да управува само возач кој има најмалку три години возачка дозвола која дава право за управување со трактор.
- По автопат, експресен пат и на пат резервиран за сообраќај на моторни возила, не смеат да се движат трактори.
- Со трактор може да управува лице кое поседува возачка дозвола од „Ф“ категорија или лице кое поседува возачка дозвола од категориите „Б“, „БЕ“, „Ц1“, „Ц1Е“, „Ц“, „ЦЕ“, „Д1“, „Д1Е“, „Д“ или „ДЕ“.
Секоја година по неколку возачи на трактор и патници на трактор или приколка го губат животот во сообраќајни незгоди. Во првите 6 месеци, во 2020 година, 1 возач на трактор го загубил животот во сообраќајна незгода а 12 се повредени. Во летните месеци, според неофицијалните податоци на РСБСП, најмалку уште двајца возачи на трактор го загубиле животот во сообраќајни незгоди
Затоа, РСБСП апелира до возачите на трактори, молтокултиватори и други мобилни машини, и покрај сите проблеми со кои се соочувате, во прв ред мислете на вашата безбедност, на вашиот живот, на вашето здравје, возете технички исправни возила, со исправни сопирачки и соодветно осветлени.
#БЕЗБЕДНОВОЗЕЊЕСОТРАКТОР!