Празнување на Свети Климент Охридски Чудотворец, Св.Седмочисленици и Св.вмч. Пантелејмон
Празнувањето на големите светии, споменот на нашиот патрон, патронот на нашата света Македонска црква и патронот на нашиот град Охрид, споменот кој никогаш нема да згасне, на нашиот првоучител и духовен водач, и тогаш и сега, на светиот Климент Охридскиот Чудотворец и на светиот великомаченик и целител Пантелејмон, како и на светите Седмочисленици, започна на 08 август 2024 година, во Светиклиментовиот манастир на Плаошник во Охрид, со празнична Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Горан Ставрески, свештениците Ѓорѓи Блажевски, Љупчо Бакрачески и Роберт Илијевски, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски.
Подоцна беше отслужен и Акатистот посветен на светиот Климент Охридски.
По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа.
Прославата на светиот Климент Охридски, на светите Седмочисленици и на св. вмч. Пантелејмон продолжи на 09 август 2024 година, во ман. „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, со света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Ефтим Бетински и Љупчо Двојаковски, протоерејот Горан Ставрески, протонамесникот Младен Јурошевиќ од Српската православна црква, свештениците Ѓорѓи Блажевски и Роберт Илијевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски.
Светиклиментовото дело продолжи и денеска во неговиот манастир, преку раката на нашиот свет Владика, кој го ракоположи монахот Амвросиј во ероѓаконски чин, на кого му честитаме со желби и молитви за достоинствено носење на новиот крст што денеска го прими.
По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Пимен се обрати кон неизбројниот верен народ со пригодна беседа.
WebOhrid / 09.08.2024 / Дебарско-кичевска епархија