Прецизирани мерките и реформите од Планот во делот 6 и 9 до март 2018-та
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска претседаваше со министерската работна група која ги презентираше реализирани реформи, како и следните чекори предвидени со Планот 3-6-9. На состанокот, пред сè, беше констатирано дека досега се реализирани сите предвидени мерки од делот 3.
Во исто време, министрите информираа дека е подготвен детален план за активностите и мерките кои треба да се реализираат во периодот до декември – јануари, кога ќе се финализира и делот 6 и 9, од Планот 3-6-9. Најголем дел од реформите и законските измени се од областа на правосудството, реформа на разузнавачките служби, борбата против корупцијата, тероризмот и насилниот екстремизам, медиумите и реформи во областа на јавната администрација.
По направените консултации на денешниот состанок беше заклучено дека следните чекори од Планот 3-6-9 во делот 6 и 9, ќе ги усвои Владата на следната седница, а во меѓувреме ќе ги консултира со Европската комисија и другите релевантни фактори.
На денешниот состанок, премиерот Заев исто така ги задолжи ресорните министри за законите предвидени со Планот 3-6-9, во делот 6, а кои треба да се донесат до крајот на годинава, да побараат и да добијат мислење од претставници од опозицијата.
Во исто време министрите на состанокот ги презентираа и мерките кои според Планот 3-6-9, треба да се реализираат до крајот на март, следната година.
Денешниот состанок на Министерската работна група за следење на спроведувањето на Планот 3-6-9, е дел од механизмот што го воспостави Владата на РМ, преку кој редовно, се следи имплементацијата на планот. За текот на имплементацијата соодветно се информираат Собранието на РМ, Европската Комисија и земјите членки на ЕУ, како и граѓанското општество експертската и пошироката јавност.