Предавање акредитиви на новоименуваните амбасадори на Украина и на Индија во Македонија
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Украина и на Република Индија во Република Македонија.
На средбата со новоименуваниот амбасадор на Украина во Република Македонија, г-ѓа Наталија Задорожњук, претседателот Иванов изрази задоволство од пријателските односи што постојат меѓу двете земји, како и од заедничката желба за поинтензивно унапредување на соработката во сите сфери од заеднички интерес. Македонскиот претседател истакна дека од особено значење е интензивирањето на билатералниот политички дијалог, како и унапредувањето на парламентарниот дијалог преку организирање на средби на високо ниво. Амбасадорот на Украина, г-ѓа Задорожњук, истакна дека односите меѓу двете држави се темелат врз доверба, меѓусебно разбирање и поддршка и изрази уверување дека тие ќе продолжат да се унапредуваат со заеднички заложби, посветеност и ангажман.
indija_17На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Индија во Република Македонија, со седиште во Софија, г-ѓа Пооџа Капур, претседателот Иванов истакна дека односите меѓу Република Македонија и Република Индија ги карактеризира пријателство, меѓусебно разбирање и почитување. Македонскиот претседател порача дека збогатувањето на нормативно-правната рамка и воспоставувањето на поинтензивна економска соработка, отвора можност за содржински посеопфатни билатерални односи. Амбасадорот на Република Индија, г-ѓа Капур, истакна дека односите меѓу двете земји се развиваат на високо и пријателско ниво, додавајќи дека и во наредниот период ќе продолжат да се унапредуваат особено преку промоција на трговската размена и инвестициите, како и преку интензивирање на социо – културните врски меѓу двете земји.
Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.