22/11/2024
Македонија

Предавање на акредитивни писма од страна на новоименуваните амбасадори на Данска, на Големото Војводство Луксембург и на Танзанија

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Кралството Данска, на Големото Војводство Луксембург и на Обединетата Република Танзанија во Република Македонија.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Кралството Данска за Република Македонија со седиште во Белград, Н.Е. г. Андерс Кристиан Хаугард, претседателот Иванов изрази задоволство од успешниот развој на македонско – данските односи и на соработката во разни области од заемен интерес.

Претседателот Иванов се заблагодари за досегашната поддршка и помош од Кралството Данска во однос на македонската евроатланска интеграција, изразувајќи убедување дека истата ќе продолжи и во иднина. Амбасадорот на Кралството Данска, г. Хаугард изрази подготвеност за зацврстување на досегашните одлични односи со македонскиот народ преку унапредување на соработката во повеќе области.

akreditivi_luksemburg_7

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Големото Војводство Луксембург за Република Македонија со седиште во Луксембург, Н.Е. г. Кристиан Бивер, двајцата соговорници разговараа за можностите за унапредување на економската соработка и трговската размена меѓу двете држави, како и за динамизирање на севкупните билатерални односи и соработка.

Претседателот Иванов изрази уверување дека европската и евроатлантската интеграциска определба и во иднина ќе преставува силен мост на поврзување во односите меѓу Република Македонија и Големото Војводство Луксембург. Во таа насока амбасадорот на Големото Војводство Луксембург, г. Бивер истакна дека неговата земја силно го поддржува патот на нашата држава кон евроатлантската заедница.

akreditivi_tanzanija_7

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Обединетата Република Танзанија со седиште во Рим, Н.Е. г. Џорџ Кахема Мадафа, претседателот Иванов истакна дека и покрај географската оддалеченост меѓу двете земји, постојат можности за развој и унапредување на севкупните односи. Двајцата соговорници разменија мислења за регионални и глобални прашања, како и за изнаоѓање на најприфатливи форми за билатерална економска соработка.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.