Предавање во Куќата на Уранија-МАНУ во Охрид
Во рамките на “Научната и уметничка визита 2019” што се одржува во Куќата на Уранија-МАНУ, вечерва ќе се одржи предавање на д-р Александар Дединец, Енергетската политика во Македонија во функција на остварување на одржливиот развој. Предавањето ќе биде со почеток во 20 часот.
Д-р Александар Дединец е роден на 22 Октомври 1986 година во Радовиш, каде што завршил основно и средно образование со континуиранo одличен успех.
Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје (2005-2009 година) го завршил со просек 9,24. Дипломирал на тема „ Примена на софтверскиот пакет Microsoft Robotics Studio во управување на роботи“. Постдипломските студии (2009-2011) ги завршил на истиот факултет, со просечна оцена 10, и со магистерски труд „Напредни интелигентни стратегии за навигација на мобилни роботи во непознати околини со примена на видео сензори“.
Во април 2018 година успешно ги завршил докторските студии (трет циклус на студии по ЕКТС) на Школата за докторски студии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиj“ – Скопје, со просек 10,00. Докторска теза со наслов “Развивање на методи за планирање на одржлив развој на енергетските системи” ја одбранил на Факултетот за електротехника и информациски технологии.
После дипломирањето, во периодот октомври – декември 2009 година е ангажиран на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот, „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во одржување на лабораториски вежби по Физика 1, во својство на демонстратор и во периодот ноември – декември истата година на Електротехничкиот факултет во Радовиш, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип по предметот Информатика.
Од почетокот на 2011 година е ангажиран како асистент истражувач во реализација на проекти во Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ, а од 2018 година е вработен во Истражувачкиот центар за компјутерски науки и информатички технологии при МАНУ како Соработник истражувач.
Д-р Александар Дединец својата научноистражувачката и стручно-апликативната дејност во изминатите осум години ја остварува пред се преку учество во реализацијата на 48 проекти. Во овој период учествувал во 23 проекти реализирани од страна на научно-истражувачките центри на МАНУ. Како резултат на неговото учество во реализација на научноистражувачки и апликативни проекти, од 2014 година, д-р Александар Дединец е ангажиран и од страна на реномирани светски институции (USAID, UNDP, Енергетска заедница, Хрвоје Пожар и други), во својство на независен консултант, во реализација на дополнителни 25 проекти од ова подрачје.
Објавените трудови на д-р Александар Дединец произлегуваат од продлабочените анализи спроведувани при реализацијата на научноистражувачките проекти. Тој е автор или коавтор на 41 труд од подрачјето на одржливиот енергетски развој при тоа 13 од нив се објавени во врвни светски списанија со фактор на влијание, 21 труд во зборници на трудови и 6 во зборници на апстракти. Дополнително има учествувано на повеќе од 50 работилници како во Македонија така и надвор од Македонија. На голем дел од нив ги има презентирано резултатите од проектите на кои има работено или има држено обуки, додека на дел од нив го има надградено своето знаење.