Предавање за музеите на словенечката кураторка Грегорич во МСУ
Проектниот простор „Прес ту егзит“ со Музејот на современа уметност организираат предавање на Аленка Грегорич, уметничка директорка и кураторка во Градската уметничка галерија во Љубљана, што ќе се одржи во понеделник, во МСУ со почеток во 20 часот. Предавањето е на тема „Културен џетлег – Музеите во/и регионот“…
Предмет на интерес на истакнатата кураторка и теоретичарка е одговорноста на оние кои ја создаваат современата уметност, како и на културните институции и нивната улога во современото општество. Во тој контекст, таа ќе сподели свои истражувања за трансформацијата на музеите, кои се една од најстарите и најразвиените организациски структури во уметничкиот систем.
Грегорич ќе зборува и за архитектонскиот дизајн, за што вели дека на Запад музеите беа градени како нов тип на забавни паркови, следејќи го моделот на трговските центри, комаприрајќи со просторите на поранешна Југославија, каде повеќето музеи останаа „заробени“ во старите или надминатите архитектонски зданија.
Аленка Грегорич е историчарка на уметноста, кураторка и писателка. Во 2009 била кураторка на Словенечкиот павилјон на 53. Венeциското биенале, како и ко-кураторка на 28. Графичко биенале во Љубљана. Во 2011 била ко-кураторка (заедно со Гилит Еилат) на 52. Октомвриски салон во Белград, а во 2014 била една од кураторите на „Курирано од_Виена“. Курирала бројни самостојни и групни изложби во Словенија и надвор од неа.