Предизвици и трендови во планинското спасување во Европа
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков присуствуваше на панел дискусија на тема „Предизвиците и современите трендови во планинското спасување во Европа“ што денес се одржа во Охрид.
Целта на настанот е на непосреден начин пред надлежните државни институции да се презентрираат современите европски достигнувања на полето на алтернативниот туризам и да се даде придонес во решавањето на проблемот од недостиг на ефикасен систем за планинско спасување во Република Северна Македонија и Република Албанија.
На случувањето пред присутните се обрати градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков:
– Ми претставува особено задоволство што Охрид и Охридскиот регион во последните неколку години започнаа да развиваат нови форми на туризам и да нудат атрактивна понуда за туристите. Ова особено се однесува на развој и популаризација на планинскиот туризам, кој значително е во подем благодарение на современите трендови кои промовираат здрав живот, рекреација на отворено и планинарски спортови. Една од главните карактеристики на планинскиот туризам е тоа што истиот нуди можност за активности во сите четири годишни времиња. Тоа е од особено значење за Охрид како туристичка дестинација, бидејќи на тој начин ќе може да се креира туристички производ во текот на целата година. Охридскиот регион изобилува со преубави планински предели кои имаат идеални услови за развој на авантуристички спортови и планинарење, но потребно е да се обезбеди квалитетно менаџирање со ризици. Со целокупната расположлива опрема, капацитет и стручен кадар, Центарот за спасување на планина во Охрид, значително придонесе за подобрување на ефикасноста на Службата за спасување на планина и го подигна нивото на безбедност на планинарите во нашиот регион. Верувам дека и овој нов проект кој има за цел да обезбеди безбеден зимски авантуристички туризам ќе биде успешно имплементиран и ќе ја добие потребната одржливост. Се надевам дека заедно со останатите општини од Југозападниот регион и партнери од соседна Албанија и во иднина ќе работиме на проекти, преку кои ќе се креираат мерки за унапредување на квалитетот и содржината на туристичкиот производ, но и во делот на подобрување на инфраструктурата, која исто така е многу важен сегмент за развој на туризмот. Исто така се надевам дека нашите европски партнери, како и до сега ќе продолжат да ни ја даваат својата несебична поддршка- рече градоначалникот Пецаков.
На панелот свое обраќање имаа и Министерката за одбрана, Славјанка Петровска и директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Раководителот на HGSS (Hrvatska Gorska Služba Spašavanja) Јосип Граниќ, го презентира хрватскиот модел за организација на Службата, една од најдобро организираните служби во Европа, како и важноста од строгото придржување кон препораките на ICAR (International Commission for Alpine Rescue) со цел ефикасно делување на Службата.
Настанот е дел од проектот “Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам”, финансиран од ЕУ, ИПА Програмата за прекугранична соработка со Република Албанија и Министерството за Локална самоуправа на РСМ. Домаќини на истиот беа Планинската Спасителна Служба при Црвен крст- Охрид, Алпинистички клуб “Патагонија” и Националниот Сојуз за планинско спасување.
WebOhrid / 10.06.2022 / Општина Охрид