Предновогодишен германски базар на учениците од основните и средните училишта во Охрид и Македонија
Божиќната магија од Европа – никогаш поблиску до нас.
Не ви требаат шубари и крзнo, авионски билети и луксузни сместувања. Сега е едноставно.
Ваше е само да дојдете на охридскиот плоштад, пред споменикот на Св. Климент Охридски на 10.12.2024 во периодот од 17:00 до 18:30 часот, а нам, учениците од основните и средните училишта на Општина Охрид и цела Македонија, ни преостанува преку песни, танци и традиционални германски вкусови да ви ја пренесеме предновогодишната магија и нашата љубов кон германскиот јазик и традиција.
Германскиот јазик е застапен во сите училишта. Во Охрид речиси 90 проценти од учениците го изучуваат германскиот јазик, како во основните, така и во средните училишта. Благодарност до градоначалникот на Општина Охрид и Гете-институтот од Скопје кои несебично ја поддржаа иницијативата на Здружението на наставници по германски јазик.
Особен придонес за одржувањето на оваа манифестација имаат како и секогаш граѓански најодговорните компании КОСТАЛ и LTH ЛЕАРНИЦА од Охрид, како и Црвениот крст од Охрид и СВР Охрид кои ќе се грижат за безбедноста на сите присутни.
Сите тие во оваа манифестација препознаа настан кој допрва ќе расте. Предновогодишните базари на наставниците по германски јазик стануваат традиција. Тивко, но сепак силно се наметнуваат во предновогодишните збиднувања во градовите ширум Македонија.
Здружение на наставници по германски јазик и книжевност на Македонија