Прекината петнаесеттата седница на Советот на општина Охрид
Откако советниците со мнозинство гласови усвоија вкупно 94 точки од предложениот дневен ред на петнаесетата седницата на Советот на Општина Охрид, претседателот на советот, Сашо Донев ја прекина седницата, со најава дека нејзиното продолжение ќе биде закажано во текот на наредните денови.
Советниците ги усвоија Предлог Програмата за измени на програмата за спорт и рекреација за 2022 година и Предлог Одлуката за измена на распоредот на средствата на Буџетот на општина Охрид за 2022 година, со што се обезбедија потребните средства за одржување на овогодинешното издание на Охридскиот пливачки маратон.
Дневниот ред на седницата беше надополнет со двe точки: Предлог програмата за измени и дополнување на програмата за активностите на општина Охрид во областа на основното образование за 2022 година (Н1) и Предлог програмата за измени и дополнување на развојната програма за капиталните инвестиции на општина Охрид во областа на основното образование за 2022-2024 година (НА).
Со мнозинство гласови беа изгласани Предлог Програмата за измени и дополнувања на развојната програма за уредување на градежно земјиште за 2022 – 2024 година како и сите предлог-одлуки за усвојување на полугодишните извештаи за реализација на годишните и развојните програми за работа на општина Охрид за 2022 година (за периодот од 01.01. до 30.06.2022 година), како и Предлог одлуката за давање согласност на годишниот план за вработување на општина Охрид за 2023 година.
Советниците не прифатија ниту еден од 82-та предложени амандмани во врска со Предлог – програмата во областа на располагањетo со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на општина Охрид за 2022 година, по што оваа точка беше усвоена со мнозинство на гласови од советниците.
На денешната седница советниците дадоа зелено светло и за Предлог Одлуката за донесување детален урбанистички план во УЗ 2, дел од УБ2 – опфат 3, општина Охрид, плански период 2017-2022-конечен предлог план; Предлог Одлуката за прифаќање на иницијативата за експропријација на градежно земјиште на дел од Кп.бр.6466/3 КО Охрид 4 и Предлог Одлуката за утврдување на надоместок и регулирање на постапката за одобрување на прекопи за поставување на инсталации во патна мрежа, како и за прекумерно користење на истата.
Советниците ги усвоија Предлог-oдлуката за давање согласност за формирање паралелки со помалку од 20 ученици во основните училишта во општина Охрид и предлог одлуките за давање согласност за формирање паралелки со помалку од 25 ученици во ОСУ„Св.Климент Охридски“, во СОСУ„Св.Кирил и Методиј“ и во ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“ – Охрид.
Беа усвоени и Предлог-одлуките за давање мислење на Програмата за изведување на училишните екскурзии и други слободни активности во учебната 2022/2023 година за сите основни училишта; Предлог одлуките за усвојување на Годишните извештаи за работата и материјално – финансиското работење 2021/2022 година и Предлог одлуките за усвојување на Годишните програми за работа на сите основни и средни училишта како и Предлог-oдлуката за усвојување на годишната програма за работа на ОЈУ„Кузман Шапкарев“ – Охрид за 2022/2023 година.
Советниците ги усвоија и Предлог oдлуките за давање согласност на измените на годишниот план за вработување во сите основни и средни училишта и јавните претпријатија „Градски пазар“, „Нискоградба “, „Охридски Комуналец“, „Водовод“ и „Градски гробишта“ за 2023 година.
Беа донесени и Предлог Одлуката за давање согласност на одлуките за изменување на одлуката за утврдување на цените на услугите што ги врши ЈП „Охридски комуналец“ Охрид број 02-688/6 од 29.03.2022 година и Предлог Одлуката за давање согласност на одлуката за измена и дополнување на одлуката за утврдување на висината на надоместокот на услугите што ги врши ЈП „Градски гробишта“ Охрид бр. 02-1675/10 од 07.12.2018 година.
Советниците не ја изгласаа Предлог-одлуката за усвојување на Извештајот за состојбата во областа на јавната безбедност и безбедноста на сообраќајот на патиштата за периодот од 01.01. до 30.06.2022 година.
WebOhrid / 26.08.2022 / Општина Охрид