Прекрасен настап на театарската група на Црвен крст Охрид со претставата „БАРА“
Уште еден прекрасен настап на театарската група на Црвен крст Охрид со театарската претстава „БАРА“ во режија и авторство на Емилија Блажеска, Весна Терзиоска и Јованка Сион Доленц. Талентираните млади актери-волонтери на Црвен крст Охрид вчера, пред охридската публика, која ја исполни салата во Центарот за култура „Григор Прличев“ на реален и креативен начин ги прикажаа животните судбини и предизвици на жртвите на еден систем со нарушени вредности, борбата на човекот со различни искушенија и неправди поминувајќи по тежок пат исполнет со очај и рамнодушност, лутајќи во лавиринтот на безнадежноста во потрага за подобро утре и подобри ние. Силен одекна нивниот крик и повик за будење и потреба од достоинствен живот во својата земја.
Претставата „БАРА“ театарската група на Црвен крст Охрид премиерно ја изведе на отворањето на овогодинешниот Аматерски младински театарски фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“ во јуни, а во септември 2023 имаше свое гостување и во Требиње, Босна и Херцеговина.
WebOhrid / 21.09.2023 / Црвен крст Охрид