23/11/2024
Македонија

Премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев објавија нова странска инвестиција

Реномираната германска компанија Герешајмер, светски позната компанија и лидер во производството на амбалажа за потребите на медицинската и фармацевтската индустрија, потврди дека ќе реализира значителна инвестиција во нова фабрика во Бунарџик во која ќе се отворат 400 нови работни места за високо едуциран кадар од Република Северна Македонија.

Претседателот на Владата, Зоран Заев, на прес-конференцијата на која беше објавена новата странска инвестиција нагласи дека економијата во Република Северна Македонија силно чекори напред, а доказ за тоа е рекордното ниво на странски директни инвестиции во 2018 година од над 624 милиони евра, што е за 267% повеќе од просекот во изминатите 8 години.

„Овој износ е повисок од вкупните инвестиции во 2012, 2013 и 2014 година заедно и е речиси четирикратно повисок од претходната 2017 година. Навистина имаме рекордно ниво на странски инвестиции, од самостојноста на нашата земја до денеска. Но, не треба и не застануваме тука. Денес имам чест да објавам нова, би можело да се каже една од највредните странски инвестиции која доаѓа од пријателската Сојузна Република Германија. Бордот на директори на компанијата Герешајмер, светски бренд во производството на амбалажа во медицинската и фармацевтската индустрија, потврди дека ќе реализира нова инвестиција во Република Северна Македонија“, подвлече Заев.

Премиерот потенцираше дека по потпишувањето на протоколот за пристапување на НАТО, веќе две странски компании ги потврдија своите инвестиции во нашата земја, со што се потврдува дека членството во најголемата светска безбедносна алијанса, носи дополнителна стабилност и сигурност за вложувањата на компаниите.

„Работевме напорно за да креираме позитивен економски амбиент во земјата, сите крупни политички одлуки на крајот се поврзани со економијата во земјата, за нови инвестиции, нови работни места, повисоки плати. Посветено работиме на привлекување на нови реномирани странски инвеститори, на одржување на добри контакти со постоечките, но и на поттикнување на домашните компании да ги прошируваат своите капацитети. Резултат на нашата работа се нови, осумнаесет директни странски инвестиции од почетокот на мандатот, во технолошко индустриските развојни зони и надвор од нив. Работиме на силна индустријализација базирана на високи технологии и добро платени работни места за нашите граѓани. Нашата цел е забрзано да го фатиме чекорот со развиените земји, да обезбедиме работа за сите, да ги задржиме младите во нашата земја“, нагласи премиерот Заев.

Вицепремиерот за економски прашања, зборувајќи за Герешајмер, рече дека станува збор за компанија од Сојузна Република Германија, основана во 1864, со долга традиција и историја на успешно работење, модерна фирма со софистицирана и врвна технологија во производствениот процес. Компанијата е светски лидер во производството на медицинска амбалажа, нивните производи секој од нас ги сретнал во секојдневниот живот: апликатори за инсулин, инхалатори, апарати за мерење на шеќер, многу други пластични и стаклени производи и апарати за фармацевтската и медицинската индустрија, со вкупен обем на производство од 1,3 милијарди евра, во 50 фабрики во 15 земји во Европа, Азија, Северна и Јужна Америка и околу 10.000 вработени на својот платен список.

„Ни претставува задоволство што менаџментот на компанијата за своја прва фабрика во Југоисточна Европа, ја препозна Република Северна Македонија, во конкуренција на Србија и Романија, како дестинација за својата нова инвестиција. Ова покажува дека мерките за поддршка на Владата, преточени во Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кои се потполно транспарентни и еднакви за сите инвеститори, посветеноста на Владата и целиот економски тим, како и стабилноста која земјата ја доби со потпишување на протоколот во НАТО, се силни аргументи за привлекување на нови инвеститори кои носат позитивни резултати. Лично имав можност да посетам два од погоните кои ги има оваа компанија во СР Германија и во Чешка, станува збор за навистина високо-технолошки развиена, софистицирана компанија, кадешто има место за високо едуциран кадар од сите технички струки. Фабриката во Република Северна Македонија ќе отвори нови 400 работни места, од кои добар дел за инженери од техничките струки, високо платени квалитетни работни места“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

Извршниот директор на Герешајмер, Дитмар Симсен, во видео обраќање до јавноста во Република Северна Македонија, потенцираше дека компанијата, како своја идна инвестициска дестинација ја избрала нашата земја поради добрата инфраструктура, вештите и добро обучени работници, но и заради силната поддршката и коректниот однос на Владата.

„Со градежните активности ќе започнеме мошне брзо бидејќи почетокот на производството е планиран за крајот на 2020 година. Планираме значајни инвестиции во фабриката, средна двоцифрена милионска бројка во евра. Тој износ е планиран и за врвните технологии за „чисти соби“, како и за машини. На среден рок планираме да вработиме околу 400 лица во фабриката. Но навистина сакаме да имаме можност за натамошен раст, според потребите, во иднина. Од производна перспектива планираме производи, системи и уреди за фармацевтската како и за медицинско-технолошката индустрија и претходно наполнети шприцови за фабриката“, кажа Симсен во своето видео обраќање.


Во продолжение на ова соопштение во целост ви ја пренесуваме изјавата на премиерот Заев.

„Република Северна Македонија, на економски план, силно чекори напред. Пред само неколку дена Народната банка објави дека странските директни инвестиции изнесуваат над 624 милиони евра во 2018 година, рекорден износ повисок за 267% од просекот во изминатите 8 години или повисок од 2012, 2013 и 2014 или е за 4 пати повисок од претходната 2017 година. 

Имаме рекордното ниво на странски инвестиции кои одбележуваат и кршат рекорди од самостојноста на земјата. Но не треба и не застануваме тука. 

Денес, имам чест, да објавам нова, би можело да се каже една од највредните странски инвестиции, која доаѓа од пријателската Сојузна Република Германија. 

Имено, бордот на директори на компанијата Герешајмер, светски бренд во производството на амбалажа за медицинската и фармацевтската индустрија, потврди дека компанијата ќе реализира инвестиција токму во нашата земја. 

Договорена е огромна инвестиција која отвора нови 400 работни места. 

Ова е втората инвестиција која доаѓа по потпишување на Протоколот за членство во НАТО.

Тоа значи дека инвеститорите ја препознаваат земјата како стабилна и сигурна дестинација за своите вложувања. 

Работевме напорно за да креираме позитивен економски амбиент во земјата. Сите крупни политички одлуки беа на крај за економија, за инвестиции, за нови работни места, повисоки плати. 

Посветено работиме на привлекување на нови реномирани странски инвеститори, на одржување на добри контакти со постоечките, но и на поттикнување на домашните компании да ги прошируваат своите капацитети и да инвестираат во нови капацитети. 

Резултат на нашата работа се нови, осумнаесет директни странски инвестиции од почетокот на мандатот, во технолошко индустриските развојни зони и надвор од нив.

Работиме на силна индустријализација базирана на високи технологии и добро платени работни места за нашите граѓани. 

Нашата цел е забрзано да го фатиме чекорот со развиените земји, да обезбедиме работа за сите, да ги задржиме младите во нашата земја и да имаат достоинствен приход кој ќе ги мотивира да останат во нашата земја.

Компаниите како Герешајмер, со високо ниво на технолошкиот процес, се добредојдени во нашата земја. Продуцираат производи со високо ниво на додадена вредност, внесуваат нови технологии, знаења и вештини, обезбедуваат квалитетни и подобро платени работни места.

Ги остваруваме нашите цели. Создаваме шанса за сите граѓани на Република Северна Македонија за подобар живот и за повисок животен стандард.

Уште еднаш упатувам благодарност до компанијата Герешајмер што ја избра Република Северна Македонија за своја нова бизнис дестинација.

Ги уверувам инвеститорите од Германија дека во Владата ќе имаат искрен и отворен партнер за соработка.

Нека ова биде мотивација за вакви силни и големи инвестиции во нашата земја!“