Премиерот Заев имаше телефонски разговор со Столтенберг
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска имаше телефонски разговор со Јенс Столтенберг, Генералниот секретар на НАТО, кој изрази комплименти, поддршка и честитки за успехот во понатамошна имплементација на Договорот од Преспа.
Генералниот секретар на НАТО ја поздрави храбрата, голема и државничка одлука на пратениците, и му пренесе на премиерот Заев дека во НАТО се среќни што Република Македонија продолжува напред, и уште додаде дека во таа насока испраќа честитки и за успешно завршените пристапни разговори за членство во алијансата на 18 и 19 октомври во Брисел, и порача дека НАТО останува фокусиран на завршување на процесот на интеграцијата на земјата во сојузот.
Претседателот на Владата на РМ Заев се заблагодари на честитките, и се согласи дека пратениците ги надминаа партиските разлики за добро на државата и донесоа голема и важна одлука.
Премиерот Заев во телефонскиот разговор со Генералниот секретар на НАТО истакна дека одлуката во Собранието на РМ е силен импулс Република Македонија да продолжи силно напред, и дека охрабрувањето, поддршката и пријателството од НАТО сојузниците ќе има позитивно влијание да се зголеми мнозинството кое ја поддржува имплементацијата на Договорот од Преспа.
Тој информираше дека се очекува просецот да заврши во јануари, по што Република Македонија ќе може да го заземе заслуженото место во НАТО.
Во телефонскиот разговор со Генералниот секретар на НАТО Столтенберг премиерот Заев уште информираше дека паралелно продолжуваат да се спроведуваат реформите, вклучително и реформите на безбедносниот сектор, и дека институциите во земјата имаат капацитет да ги спроведат сите потребни обврски што доаѓаат со полноправното членство во НАТО.