Премиерот Заев телефонски разговораше со Заменикот Државен Секретар на САД Саливан
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска оствари телефонски разговор со Заменикот Државен Секретар на Соединетите Американски Држави, Џон Саливан.
Премиерот Заев во разговорот ја изрази благодарноста на Владата на РСМ за силната поддршка на САД за време на целиот процес на спроведување на Договорот од Преспа, и го запозна со активностите на Владата на Република Северна Македонија во врска со спроведувањето на обврските од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, односно од Договорот со Грција.
Двајцата соговорници за време на телефонскиот разговор се согласија дека успешниот епилог на Договорот од Преспа, како и постапката на ратификацијата на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО, е од исклучително значење за двете земји, но и за регионот.
Премиерот Заев истакна дека Република Северна Македонија останува на својот долгорочен и стратешки интерес за дополнително развивање и проширување на односите меѓу двете земји, особено во делот на економските релации.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и Заменикот Државен Секретар на Соединетите Американски Држави Џон Саливан го споделија взаемниот интерес и определба двете земји да останат посветени на прашањата за мирот и стабилноста на земјата и на регионот и во таа насока, Заменикот Државен Секретар на САД, Саливан ја изрази неговата постојана поддршка за Преспанскиот Договор и истакна дека со нетрпение чека да ѝ посака добредојде на Северна Македонија како 30-та членка на НАТО.