Премиера на документарниот филм посветен на Илхами Емин
Во Кинотеката на Македонија вечерва со почеток во 19 часот премиерно ќе биде прикажан документарниот филм „Ѓулчинар Илхами Емин“, посветен на животот, уметноста и делото на турскиот поет и писател од Македонија…
Филмот, кој е во режија на Исмет Арасан, е поддржан од Министерството за култура и туризам на Турција и од Министерството за култура на Република Македонија. Директор на фотографија е Мустафа Кемал Коркмаз – Танер Акчил, илустратор Динч Онур Ајдин, а оригиналната музика е дело на Ердал Ѓунеј.
Илхами Емин е турски поет, писател и новинар од Македонија. Во неговата богата кариера се вбројуваат и преведувачките ангажмани за Јосип Броз Тито и претседателот на Република Македонија, Киро Глигоров. Има објавено повеќе дела како и драмски претстави што биле поставени на сцената на Турскиот театар во Скопје, но ги превел и делата на Евлија Челебија, „Основањето на Отоманската Империја“ на Ф.Копрулу, како и делата на Назим Хикмет, Орхан Памук, Ибн-и Рушт и Ахмет Јесеви.
Добитник е на повеќе награди, меѓу кои ПЕН наградата во Македонија во 2011 година и наградата за најдобар роман „Кочо Рацин” во 2012 година. На турски јазик своето творештво го објавува и на веб страницата http//yeniakinciblog.com, а неговите спомени се објавени во книгата „Балканот и Турците“ (Рифат Емин Сипахи). За неговото дело во 2016 година беше напишана книгата „Ѓулкаја“ од Назли Рана Ѓурел и Зеки Ѓурел.