Премиера на „Странци“ утре во Драмскиот театар
На 12 мај во Драмскиот театар во Скопје премиерно ќе биде изведена претставата „Странци“ во режија на Нела Витошевиќ. Драматург на ова дело е Викторија Рангелова–Петровска, сценографијата ја изработи Костантин Трпеноски, костимите се на Роза Трајческа – Ристовска, а музиката на Огнен Анастасовски. Во претставата настапуваат: Игор Ангелов, Ирена Ристиќ, Биљана Драгиќевиќ – Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ, Предраг Павловски…
Во најавата за претставата, од Драмскиот театар посочуваат дека Странци е „драмомедија“ во која седуммина пријатели играат игра во која ги споделуваат сите телефонски пораки, разговори, фотографии, комуникациите преку социјалните мрежи и на тој начин ги откриваат личните тајни, отворајќи болни конфликтни ситуации. Истовремено се потенцираат разликите помеѓу приватното и јавното себепретставување.
Паралелните дејства создаваат епска сценска наративност која не се стреми да го означи крајот, туку расте во широчина. Се’ во име на вистината. По соочување со вистината, следи судир со пост – вистината, состојба во која фактите стануваат помалку влијателни отколку што се тоа емоциите и личните убедувања, стои во најавата за претставата.