Премиерите Заев и Борисов остварија средба на Самитот на Западен Балкан во Познањ
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, во рамките на своите активности на Самитот за Западен Балкан во Познањ, Република Полска, оствари средба и со премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов.
На средбата, на која присуствуваа и Заменик на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров, беше потврдено дека Договорот за пријателство и добрососедство меѓу двете земји останува пример за решавање на отворените прашања во регионот и дека беше импулс и за следните големи политички одлуки што ги донесе Република Северна Македонија, како што беше Договорот од Преспа, после што следуваше забрзување на процесите за членство во НАТО и ЕУ.
Двајцата премиери разговараа за спроведувањето на одредбите од договорот и се согласија дека се остваруваат со добра динамика, но и дека секогаш може подобро.
Низ разговорот, премиерите Заев и Борисов изразија поддршка и охрабрување за работата на комисиите на двете земји да ја засилат соработката и посветеноста на прашањата што ги разгледуваат.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија и Претседателот на Владата на Република Бугарија изразија заедничко мислење дека двете земји имаат дел од заедничка историја, и дека духот на добра волја и пријателство со кои започнаа да се одбележуваат и чествуваат заеднички настани и личности што се оствари во изминатиот период, треба да продолжи и понатаму.
Премиерот Заев, во име на Владата на РСМ и во име на народот на земјата изрази благодарност за поддршката на Република Бугарија во евро-атлантските интеграции на нашата земја, соодветно на поддршката што доаѓа од искреното пријателство меѓу двете земји.
Оваа блиска соработка е крунисана на Самитот во Познањ со заедничкото, историско, претседавање на Берлинскиот процес во наредните 12 месеци, што е признание за Бугарија и за нејзиното лидерство како земја членка во регионот, како и за Република Северна Македонија, која се докажа низ конкретни чекори како земја која пријателството и довербата ги става во врвот на своите приоритети.